Според професорот по уставно право Светомир Шкариќ добро би било да се движиме кон ЕУ, по процедура којашто ќе биде утврдена во Уставот, а за тоа да се случи треба заеднички јазик и разговор помеѓу домашните субјекти. Тој во гостувањето во Топ тема ја поддржа тезата на претставниците на власта дека со внесот на Бугарите во Уставот ќе се направи јасна дистинкција меѓу македонскиот и бугарскиот народ.
-Ако Бугарите се вметнат во Преамбулата како национално малцинство или како дел од бугарскиот народ,а Преамбулата почнува со македонскиот народ како единствен народ и клучен субјект на државата, тогаш може да се заклучи дека македонскиот народ потполно се разликува од бугарскиот народ. Односно, во Преамбулата македонскиот народ ќе го имаме како субјект на уставниот поредок, а Бугарите ќе ги имаме како дел од бугарскиот народ, а не како дел од македонскиот. Ова оди во наш прилог, а не во прилог на Бугарија, истакна Шкариќ.
За него, решението за малцинските заедници во Македонија треба да биде истоветно како што е во Хрватска.
-Ако е Хрватска друга држава, но искуството е речиси исто. Во 1990 година кога се носеше првиот Устав при првите изворни вредности беа набројани осум малцинства, но преку евроинтегративниот процес, со совест во 2010 година ја проширија листата на етнички заедници и бројката се искачи на 22, а таму се и Македонците, рече Шкариќ.
Тој додаде Македонија треба да има принципиелен однос без разлика за кого станува збор и не треба да се оперира со моментот кој колку брои – мнозинство или малцинство, туку правата да бидат еднакви.
-Прашање е дали Македонија ќе има доблест и ум да направи исчекор да го отвори патот кон пристапните преговори. Сегашната бугарска власт, преку претседателот, па и пратениците, нивните ставови за нас се неприфатливи и нивното тврдење за ист етнички корен на народот и нивното тврдење дека нашиот јазик е само регионална норма на бугарскиот јазик и уште повеќе дека нашата нација и Македонија се творба на Коминтерната и Тито, за нас се неприфатливи… во таков контекст ние не можеме да зборуваме… но треба да се размисли како Владата прашањето ќе го елаборира, рече Шкариќ.
Тој додаде дека Македонија многу ќе добие со пристапниот процес, зашто сите овие прашања ќе се подигнат на европско ниво и за Македонија тоа ќе доведе до афирмација, а бугарската страна ќе биде во тешка положба.
Во меѓувреме, игнорантскиот однос на опозицијата кон стратешки важните прашања отвора сомнеж дека по Атина, Париз и Софија, тие ќе бидат следната пречка на патот на земјава кон полноправно членство во ЕУ, воопшто не водејќи грижа за иднината на земјата и добросостојбата на граѓаните. Наспроти тврдењата на експертската јавност, тие одбиваат да учествуваат во работната група која ќе ги пишува уставните амандмани. Од партијата повеќе пати истакнаа дека во овој парламентарен состав уставни измени под бугарски диктат нема да има.
Минатата недела високите претставници на ЕУ, Жозеп Борел и Оливер Вархеји повикаа и на работа и исполнување на обврските, како што се уставните измени, кои Северна Македонија треба да ги направи пред да ги отвори Кластерите во процесот на преговори. Одбивањето на опозицијата да учествува во овој процес ја доведува во прашање нивната искреност дека европската интеграција и агенда котира високо на нивната листа на приоритети. Во изјавите за медиуми, Борел потврди дека не е возможно повторно преговарање за преговарачката рамка и порача дека Северна Македонија треба да ја искористи оваа шанса и да продолжи на европскиот пат.
Премиерот Димитар Ковачевски пак, повика опозицијата стратешки да размислува и да носи одлуки во интерес на граѓаните, а ова прашање да не го користи во дневна политика.