Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во Ресурсниот центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање во рамки на кампањата „Гласна и храбра“ денеска се сретна со студенти од семејни студии од Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Во насока на економското зајакнување и менталното здравје како и охрабрувањето на жените и на младите да говорат гласно за предизвиците со кои се соочуваат се и средбите со различните целни групи. Овие средби со младите се едни од последните средби со целните групи во рамки на кампањата на Министерството за труд и социјална политика. Целта покрај унапредување на квалитетот на живот на младите е и транспарентно вклучување на младите во делот на креирање на политики кои треба да влијаат на нивното економско зајакнување, но и на креирање на соодветни решенија за предизвиците со кои се соочуваат младите во државата.
„Изборот на тоа што сакаш да го работиш во животот, нотите на успехот, бранувањата на она што е животен пат носат до исполнување на целите кои сме ги поставиле во текот на нашиот живот“ рече Тренчевска.
Таа за време на дискусијата која што беше развиена со студентите истакна дека семејните студии се насока која имаат голема улога како во институциите така и во приватниот сектор. Министерката ги охрабри во прашањето на нивното вработување и рече дека потребна е нова систематизација за да може оваа струка да влезе во системот, и така да можат да се вработат како семејнолози.
За време на посетата од страна на претставничката од Секторот за еднакви можности при Министерството за труд и социјална политика, Габриела Маџоска беше објаснета функцијата на Ресурсниот центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање. Таа објасни дека целта е да се зајакнат капацитетите на администрацијата во државните институции во однос на родовите прашања.
Средбата беше заокружена со прашања од страна на студенти и конструктивна дискусија од страна на сите присутни.