23.8 C
Скопје
5. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Кордалов: Потребна е конкретна акција за дигитализација – Еве три иницијални предлози

Дигитализацијата не можеме да ја спроведеме со константно носење на стратегија и разни планови на хартија. Потребно е да се засукаат ракавите и суштински да се работи, вели за емисијата „Детектор“ комуникологот и претседател на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), Бојан Кордалов. Тој на надлежните им дава серија конкретни предлози со кои според него може значително да се засили процесот на дигиитална трансформација.

„Еве три конкретни работи кои може уште од утре да се направат. Под број 1, стимулација за граѓаните и компаниите. Веќе дадовме таква инцијатива како ИДУЕП пред повеќе од две години. Иницијатива со која сите онлајн услуги ќе станат 90% поевтини во период од 1 година. Тоа ќе значи дека секој човек, секоја компанија ќе пројде низ тој процес во тој период. Со тоа ќе се зајакне довербата во процесот на дигитализација, ќе се намали стравот и кога повторно ќе се вратат редовните цени огромно мнозинство на луѓе ќе сфати низ пракса дека нема потреба да оди повеќе на шалтер и да губи време, кога едноставно може се да заврши со еден клик и од телефон. Од друга страна вршите притисок врз администрацијата да биде изложена, да воведува постојано нови и да ги спроведува квалитетно тековните дигитални услуги“, вели Кордалов.

Како втор предлог тој го дава зголемувањето на поврат на финансиски средства преку апликацијата „Мој ДДВ“ за сите граѓани кога пазарат онлајн. Кордалов предлага на овој начин да се стимулираат граѓаните со повисок процент на поврат од данокот со цел уште помасовно да почнат да нарачуваат онлајн. На овој начин, истакнува комуникологот, според сите меѓународни искуства не само што не се губат работни места, туку се отвораат нови односно работните мета остануваат, се реорганизираат и најчесто се многу подобро платени кога се базирани на дигитални технологии.

„Третата работа се однесува на стимулација за администрацијата. Значи не само притисок врз нив. Бидејќи секоја година слушаме дека има потреба од зголемување на платите во јавната администрација што е човечно и е во ред. Но, од друга страна истовремено треба тие да бидат вистински сервис за граѓаните, наместо секоја власт да смета дека покачува плати како предизборно ветување. Затоа Владата треба веднаш да каже, онаа институција која целосно ќе ги дигитализира услугите кон граѓаните во истиот момент кога тоа ќе го направи сите вработени во таа институција ќе добијат пример 10% покачување на платата. Понатаму дополнителни десет проценти за унапредување на дигиталните услуги и создавање на поголемо задоволство кај луѓето од јавните услуги.“ – предлага Кордалов во своето гостување во „Детектор“ на ТВ Сител.

Спонзорирано: