5.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Шаќири: Аплицираме за капитален проект за лечење рак со јонски зраци кој ќе биде мал ЦЕРН на Балканот

Република Северна Македонија е заинтересирана да биде регионален центар за истражувања за туморска терапија и биомедицински истражувања, засновани на акцелератори на јонски зраци. За оваа цел работиме на обезбедување услови нашата држава да биде избрана за изградба на Меѓународниот институт за одржливи технологии на Југоисточна Европа(SEEIIST), познат како Мал ЦЕРН на Балканот, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири на прес-конференцијата пред средбите на работните групи на Управниот комитет на SEEIIST. Скопје е втор пат домаќин на Управниот Комитет на SEEIIST. Во него, освен нашата држава, партиципираат и Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Црна Гора, Србија, Словенија и Косово, а на овие средби ќе се одлучува за критериумите што треба да ги исполни државата за да ја добие изградбата на Институтот.

Министерот Шаќири посочи дека во другите држави од регионот ќе се дисперзираат истражувачки хабови и мрежи, кои ќе ја помагаат работата на Институтот.

„Воодушевен и горд сум што МОН, заедно со МНР, е дел од оваа убава приказна што за неколку години ќе резултира со пуштањето во употреба на првиот јонски зрак од Институтот, кој ќе биде димензиониран за лекување на 1.000 пациенти годишно“, нагласи министерот, додавајќи дека ова не е проект со кој се печалат политички поени, бидејќи тројца министри пред него учествувале во неговата реализација, а во иднина некој од неговите наследници ќе присуствува на лекувањето на првиот пациент.

„Овој проект прави сите од Балканот да ја оставиме суетата, заедно да засукаме ракави и да изградиме возвишена градба за целите на науката и хуманоста, без разлика на нашите различни јазици, култури и религии“, рече Шаќири.

Во рамки на активностите поврзани со Институтот, веќе е во тек акредитација на предмети на втор и трет циклус студии поврзани за честична терапија, кои ќе се изучуваат на УКИМ, а на Природно-математичкиот факултет се работат две докторски тези на теми поврзани со радијационата заштита.

Спонзорирано: