Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати на денешната седница во Собранието на Република Северна Македонија по предлогот за именување нови заменици на министри.
Премиерот Ковачевски рече дека сите чекори што ги прават тој и Владата се и ќе бидат во функција на напредокот на државата и на добрата иднина на граѓаните и апелираше на совесно носење зрели одлуки во Парламентот, во насока на европските перспективи.
Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Димитар Ковачевски во Собранието на Република Северна Македонија:
„Со предлогот што го доставив до Собранието на Република Северна Македонија, за именувања заменици на министри во Владата, ќе се заокружи реконструкцијата на Владата, којашто ќе продолжи уште поефикасно да ги спроведува реформите во интерес на граѓаните, по трасираниот, европски пат.
Благодарам на прогресивното парламентарно мнозинство за поддршката, со што се потврди дека во овој состав на Собранието на Република Северна Македонија – има доминантно мнозински прогресивен капацитет, со потенцијал ваквото мнозинство да расте.
Ако се даде шанса на совеста, верувам дека овој парламентарен состав има уште поголем прогресивен капацитет, со што заедно можеме да ги осигураме европските перспективи, што значи економскиот развој на државата и животниот стандард на граѓаните.
Парламентарните дебати се одраз на демократските капацитети на една држава, но се корисни посебно кога родната земја ги има шансите за напредок. Пред нас се шанси за напредок, што значи пресвртница за натамошниот развој на државата и за квалитетот на живот на граѓаните – дома.
Затоа, оваа, повеќедневна дебата, е добра можност граѓаните да видат, но и секој да се преиспита – што застапува.
Дали застапува стабилност на државата, извесност во економијата и во животниот стандард на граѓаните, безбедност – или, нестабилност на земјата, непредвидливост, неред?!
Европски стандарди – или беззаконие?!
Меѓународно изолирана држава – или европски интегрирана Република Северна Македонија?!
Во Република Северна Македонија, којашто чекори стабилно по европскиот пат, до конечната цел, полноправно членство во Европската Унија – што è можно да се случи до 2030 година, може да има:
-уште поголеми плати и пензии на граѓаните;
-уште повеќе инвеститори од Европа и САД, со коишто од Северна Македонија создаваме Зелен Енергетски Центар на Европа;
-уште повеќе нови работни места;
-институции што работат по европски правила;
-ред и поредок во којшто нема недопирливи;
-европски партнери и споделена солидарност во справувањето со сите предизвици.
Во европски определена Северна Македонија, на сето ова веќе работи проевропската Влада на Република Северна Македонија.
Но, дојден е момент кога својата проевропска ориентација треба да ја покажат сите институции во државата, а во преден план тоа е – овој Парламент.
И затоа велам дека оваа маратонска дебата, во што се претвори изборот на нови министри и заменици министри во Владата, е одлична шанса и граѓаните да видат, а секој кој не ги застапува европските вредности и придобивки да размисли: зошто се противи на повисоки плати и пензии, на повеќе инвестиции, на предвидливост во производството на храна и енергија, на нови работни места?!
Зошто му пречат институции што работат по европски правила, со ред и поредок, за ефикасна борба со криминалот и корупцијата и за сузбивање на каков било непотизам?!
Зошто би ги довел во прашање европското партнерство и европските перспективи на државата?!
За чии интереси – свои, или на политичари кои сакаат да ги спасуваат своите политички кариери?! Или на политичари платени од трети земји што провоцираат нова светска војна, во којашто во еден дел од светот и тоа тука блиску до нас, на европскиот континент, гинат невини млади луѓе, страда демократски определен народ.
Ако некој сака да стави кочници на развојот на државата по европскиот пат, со оглед дека стана кристално јасно дека македонскиот јазик е рамноправно признаен во Европската Унија, а со тоа и македонскиот идентитет – тогаш нека си одговори прво себеси, а потоа и пред граѓаните – каква иднина на државата застапува.
Затоа што, на другата страна на европските вредности се – режим, конфликт, криминал и корупција, коишто можат да цветаат и тоа го осетивме сите од 2006 до 2016 година – само во изолирана држава!
Во демократска држава сè се знае и институциите постапуваат. И тоа секојдневно го гледаме.
Сметав дека има потреба да укажам на овие аспекти, затоа што, по изборот на заменици на министри ќе се комплетира целосно новиот состав на Владата, но пред сите нас ќе се отвори една сериозна обврска – да донесеме зрели одлуки што ќе ги осигураат перспективите на Република Северна Македонија, на граѓаните, на нашите деца.
Ја зацврстуваме политичката стабилност и отвораме пат за зголемена ефикасност на Собранието и на институциите, во насока на непречена реализација на клучните стратешки цели.
Но, Сојузот за Европа и окрупнувањето на проевропското мнозинство во Парламентот е потребно во име на натамошните реформи и европската иднина на граѓаните и на државата.
Граѓаните му дадоа на овој Парламент прецизен мандат за европски квалитет на живот дома и интеграција во Европската Унија.
Така е формирана и проевропската Влада и така работиме, според европскиот курс на државата.
По развојниот пат, сепак, апелирам, неопходно е Парламентот да биде критичар, ама не кочничар на реформите. Да ги застапува стратешките одредници на земјата, а не стратешките планови за лични или други, туѓи цели.
Направивме историски највисок пораст на минималната плата, стигна до 20.200 денари со најновото покачување кое што следува и на просечната плата, во висина од 34.000 денари – и ќе бидат и повисоки.
Направивме историско највисоко и системско, одржливо зголемување на пензиите – ќе достигне 16 проценти во една календарска година – и ќе бидат и повисоки.
За 40 проценти го зголемивме домашно производство на електрична енергија. Во само една година, инсталирани се нови капацитети од над 150 мегавати од обновливи извори на енергија, што не е само енергетска трансформација, туку е енергетска револуција – и следуваат нови инвестиции.
Имаме и рекорден износ на странски директни инвестиции, во износ од 430 милиони евра, во технолошко-индустриските развојни зони, во коишто се отворени нови 2.300 работни места, со плати повисоки од државниот просек. Исплативме рекордна државна помош во вредност од 23 милиони евра, кон 410 компании, што вработуваат над 27.000 вработени. И се отвораат и нови компании.
Реализирани се 90 проценти од планираните капитални инвестиции, што е највисок остварен процент во претходните 10 години, со највисок, историски износ од 465 милиони евра во текот на една година.
Парите одат во потребите на граѓаните, во училишта, градинки, болници, патишта. А не во бели палати, врби, зданија од стиропор, во непостоечки земјоделски капацитети, кај контроверзни инвеститори.
Конечно, по 17 години од добиениот кандидатски статус ги oтворивме преговорите со Европската Унија.
Преговорите ги водиме на македонски јазик. Како што доликува, македонскиот јазик е рамноправен во Европската Унија, за што потврда на дело е веќе потпишаниот договор со ФРОНТЕКС.
Затоа, пред нас е исклучително важен период којшто повикува на одговорно однесување и на рационални одлуки.
Потенцирам дека сите чекори што ги правиме и ќе ги правиме како одговорна Влада, се и ќе бидат во функција на напредокот на државата и на добрата иднина на граѓаните.
За напредокот на оваа нашата држава некогаш биле положувани животи.
Денес, за напредокот треба да се носат одлуки.
Затоа, никој нема право на калкулации и пазарења.
Ќе носиме транспарентно, храбри и мудри одлуки, бидејќи нема поголема чест од тоа да се бранат и постигнуваат вредности!
Ние нашата чест, со носењето на храбри и достоинствени одлуки, сме ја покажале пред целиот свет со влегувањето во НАТО и со држава којашто по 30 години од осамостојувањето и по низа премрежја коишто ги помина, е држава којашто претседава со ОБСЕ, којашто е членка на НАТО, којашто преговара со ЕУ. Нашата држава е депонент на договорите кои се потпишаа меѓу земјите од Западен Балкан, од Берлинскиот процес.
Ако за тоа е потребно зголемување на мнозинството – тогаш, со секого ќе разговараме. Владата е отворена за идна соработка со сите кои се подготвени да постапат совесно и да ги поддржат реформите, економските политики и европската агенда, за доброто на граѓаните и на државата.
Почитувани пратеници,
Барам поддршка, да бидат изберени:
Тирон Јајага, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за одбрана;
Викторија Аврамовска-Мадиќ, за заменичка на министерот кој раководи со Министерството за правда;
Вјолца Бериша, за заменичка на министерот кој раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство;
Маја Манолева, за заменичка на министерот кој раководи со Министерството за здравство и
Агим Нихиу, за заменик на Министерот кој раководи со Министерството за образование и наука“, рече во обраќањето пред пратениците премиерот Ковачевски.
Инаку, на денешната собраниска седница, по предлог на претседателот на Владата, Ковачевски, со мнозинство гласови, Собранието на Република Северна Македонија ги разреши: Башким Хасани, од функцијата заменик на министерот кој раководи со Министерството за одбрана, Абдулшуќур Абедини, од функцијата заменик на министерот кој раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Лулзим Алиу од функцијата заменик на министерот кој раководи со Министерството за образование и наука, откако претходно беа констатирани оставките на замениците министри: за правда, Агим Нухиу и за здравство, Владимир Рендевски.