5.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАБИЗНИС

Како до успешно пчеларство во Македонија?

Во последниве години сѐ повеќе стануваме свесни и ја сфаќаме огромната улога, со тоа и огромната важност на пчелите, не само за нас како поединци, туку општо, за целиот живот на планетата Земја. Докажано е дека животот на планетава не би постоел доколку ги нема пчелите. Тие се најкорисните инсекти што постојат и тоа во секој поглед.

Македонија е земја која нуди најповолни услови за одгледување на пчели. Имаме прекрасни шуми и пасишта кои се најбогати и најпогодни за медоносната паша на пчелите, која пак е од најголемо значење за производство на квалитетен мед како и други пчелни приоизводи. Медот, уште познат како и еликсирот на животот е најздравата храна, со најлековити својства како за возрасните така и за децата.

Успешното пчеларство, воедно и пчеларење во Македонија е нешто кон кое сите пчелари треба да се стремат. Тука не зборуваме за квантитет, туку за квалитет. Успешното производство на мед не значи повеќе, значи производство на квалитетен мед по сите светски стандарди. За да имаме успешно пчеларство треба да се искористат природните ресурси што ги нуди земјата на правилен начин, како и постојана обука и едукација на пчеларите за да се обезбедат што подобри услови оваа гранка да успее но и да биде најпродуктивна.

Важност на пчелата за планетата Земја

Пчелите се најважните живи суштества, односно инсекти, посебно во земјоделството, затоа што најголем процент од земјоделството зависи токму од нив. Пчелите се најкорисните опрашувачи, а со нивното уништување ќе нема опрашување, со тоа пак и земјоделството, односно производството на храна не само што ќе се намали туку и ќе исчезне. Докажано е дека доколку ги нема пчелите би ни останале само уште неколку години живот на Земјата. Сето ова треба да го сфатиме многу сериозно и да почнеме да превземаме мерки за заштита на пчелите, бидејќо како што сами гледаме придобивките од овие навидум мали, но моќни инсекти е огромна за целото човештво.

Заштита на пчелите

За да можеме да обезбедиме успешно пчеларење најпрво треба да ја имаме предвид заштитата на пчелите од нивно тотално истребување. Тоа значи дека денеска сѐ повеќе и неконтролирано се употребуваат разни пестициди како во земјоделството така и во другите гранки на стопанството, кое нешто доведува до уништување на пчелите. Свесни сме дека климатските промени земаат се поголем замав последниве години, но тука се и неконтролираното сечење на шумите, а со тоа и уништување на медоносната паша која е основна за пчелите ако сакаме да постигнеме резултати од пчеларењето.

Apis Mellifera Macedonica – Македонска пчела

Apis Mellifera Macedonica е автохтониот вид на пчела што го има во Македонија. Треба да се стремиме не само кон нејзина заштита и промовирање на нашиот вид на пчела, туку за да бидеме успешни да го промовираме традиционалниот начин на одгледување на пчели и добивање на нивните производи.

Македонската пчела инаку е вклучена во законот за сточарство, што значи дека има посебна заштита. Тука е и Протоколот од Рио каде што е вклучена и македонската пчела, а самото ова значи дека нашата земја се согласува и е обврзана да посвети посебно внимание на заштитата на автохтоните видови. Треба да се стремиме кон успешно  промовирање на Македонската пчела како дома така и во странство, но, познато е дека има пчелари кои ја загрозуваат популацијата на македонската пчела продавајќи пчели од неавтохтони подвидови. За да ја зачуваме и заштитиме нашата пчела се препорачува пчеларите да купуваат пчели матици кои доаѓаат од избрани линии произведени во некои од регистрираните фарми низ државата.

Успешно пчеларење

Доколку сте почетник во пчеларството советуваме да научите пчеларство исклучиво кај некој искусен пчелар кој има долгогодишно искуство во оваа област, некој што ќе биде несебичен во пренесување на своето знаење на помлад пчелар.

Подоцна многу е битно, откако ќе се стекнете со основното знаење за пчеларството да почнете сами со доволен број на пчелни семејства за да можете сами да ги одржувате. За да бидете успешни понатаму прво погрижете се тие пчелни семејства кои ги имате на почетокот да ги одржите здрави и живи за да можете да очекувате повеќе понатаму. Не треба да се брза да се стигне до некоја голема бројка на пчелни семејства. Тоа не е гаранција за успешен пчелар. Бидете трпеливи, со текот на работата ќе ги запознаете вашите пчели и до некоја мера и тие самите ќе ве научат што им треба и што треба да правите следно со нив, секако претходно имајќи ја предвид основата која сте ја добиле од искусниот ментор, а која е најбитна за понатаму да бидете успешни.

 

Секогаш запомнете дека пчеларството е вид на сточарство. Вие сте одговорни за грижата за вашите пчелни смејства, а понекогаш можеби ќе им треба вашата помош во случај да останат без храна или ако болест почне да уништува безмилосно.

Правила на успешно пчеларење

Запомнете, на пчелите им се потребни цвеќињата

За да бидете успешен пчелар треба да знаете дека на вашите пчели им се потребни цвеќиња, да можат да ја имаат потребната паша, а со тоа да бидат и најпродуктивни.Ова не е потребно само за нивната продуктивност, туку и за нивна исхрана, поленот од цвеќињата е најважен извор на хранливи материи за пчелите.

Обезбедете им сончево и топло место

На пчелите им е потребно топло и сончево место за да можат да бидат најпродуктивни. Потребно е да им го обезбедите тоа ако сакате успешна година. На овој начин кога пчелните семејства се изложени на сонце се многу полесни за работа, пчеларите ќе имаат помал проблем во однос на болестите кои можат да ги нападанат, а во зима поуспешно ќе биде нивното презимување.

Успешно контролирајте ги и третирајте ги паразитите

Паразитите, посебно вароата која е инаку предизвикана од опасниот паразит, лушпест крлеж од кој пчелата и покрај големите напори неможе механички да се ослободи, а се множи со јајца несени најчесто во трутовските келии, се еден од најголемите штетници кои можат да доведат до уништување на вашите пчелни семејства. Затоа треба да бидете соодветно подготвени за да ја сузбиете или да ја држите под контрола. Денес постојат разни препарати кои се соодветни за таа намена. Кога ќе го постигнете токму тоа, а тоа е одржување на вароата под контрола тогаш сметајте дека сте постигнале голем успех.

Избегнувајте отрови

Проблемот со употребата на отрови, односно пестициди е сѐ поголема.  Проблемот тука од секогаш била употребата на синтетичките пестициди во земјоделството кои завршуваат токму на цвеќињата и поленот, а кој е најбитното нешто кога се работи за пчелата. Прскањето со вакви пестициди може да доведе до тотално уништување на пчелните семејства. Затоа најдобро е да избегнувате да ги изложувате пчелите на вакви опасни отрови, како и да избегнувате употреба на отрови во сузбивањето на штетниците кај пчелите.

За крај, да резимираме, за да имате успешно пчеларење, односно да сте успешен пчелар најпрво што треба да направите е успешно да ги одржите и презимите вашите пчелни семејства во текот на зимата, следно нешто на кое треба да обратите внимание е тоа да им обезбедите паша на вашите пчели, односно да бидат што поблиску до цвеќиња. Успешно борете се и контролирајте ги болестите што можат да се појават на вашиот пчеларник и секако најбитното е да ги избегнувате отровите на секој можен начин.