26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
maricic
.МАКЕДОНИЈА

Маричиќ: Реконструкцијата на Владата е потребна и за евроинтегративниот пат, но и за економско стабилизирање на државата

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, во интервју за Македонско радио, рече дека целта на реконструкцијата е да се зајакне владиното мнозинство и да се зајакне позицијата на Владата во период кога не очекуваат многу обврски поврзани со реформите и пред година во којашто треба да се завршат бројни инфраструктурни проекти.

-Да ја стабилизираме државата економски од сите кризи коишто беа во минатото, минатите три години, и здравствената, и економската, и енергетската, и секако да ги направиме потребните чекори за продолжување на нашиот евроинтегративен пат. Многу е важно навистина сите партии коишто се за Северна Македонија да стане брзо членка во Европската Унија да застанат на оваа страна и да ги поддржат и реформите што е поважно, но и неопходните уставни измени коишто ќе нè однесат автоматски во наредна фаза. Не сакаме да даваме аргументи на никого, најмалку на Бугарија за понатамошни блокади, бидејќи овој пат картата за блокада е во наши раце. Првпат не е ниту во Софија, не е ниту Атина, ниту во Париз, ниту Брисел. Првпат е во наши раце, во Скопје и треба ние да се потрудиме секој од нас како политичари, сите политички партии, сите пратеници во Собранието да дадат одговор на граѓаните и на себе дали се подготвени да ја држат државата уште десет години во слепа улица, истакна Маричиќ.

Зборувајќи за францускиот предлог, Маричиќ кажа дека ФРОНТЕКС бил едно од нашите клучни барања, како гаранција дека Бугарија навистина нема проблем со македонскиот јазик, односно не се буни на користењето на македонски јазик во рамките на Европската Унија.

-Баравме овој договор да биде практично фактички или практичен доказ дека Бугарија нема да го попречува користењето на македонскиот јазик во употреба во Европската Унија или во нашите односи со Европската Унија, а понатаму и кога ќе сме членки. Немаше поинаков начин да објасниме со оглед на таа унилатерална нота што ја поднесоа минатото лето. Немаше на поинаков начин да докажеме дека тоа не ја обврзува Европската Унија, таа нота, освен со конкретен чекор како што беше ФРОНТЕКС. Инаку, договорот од ФРОНТЕКС е екстремно важен и во својата суштина, во својата содржина, не само како чин на прифаќање на Бугарија дека македонскиот јазик може да биде користен во оптек во нашите односи со ЕУ и во рамките на ЕУ, туку и за заштита на нашата нашите граници кон ЕУ, но и за заштита на границите, безбедноста на Европската Унија.
Бидејќи да не заборавиме дека и во 2015 и 2016 главната бегалска рута поминуваше токму кај нас и секогаш има потенцијал таа рута да биде користена и за други работи. Затоа е важно во соработка со сите европски држави, државите членки на Европската Унија со коишто и веќе соработуваме, како што се Австрија, Чешка, Словачка, Унгарија, коишто испраќаа свои полициски сили и сè уште испраќаат на нашата јужна граница тоа да го регулираме на правилен начин, бидејќи досега го регулиравме билатерално со секоја држава поединечно. Сега го договоривме на ниво на Европската Унија и тоа ни отвора нам, тоа е добра основа, и отвора пат за продолжување на интеграцијата во делот на Шенген зоната, кажа Маричиќ.