На денешната прес-конференција на портпаролот на Владата, Душко Арсовски, и соработникот за енергетика, Виктор Андонов, беа презентирани најновите информации за енергетската состојба во земјата и одлуките од вчерашната 129. владина седница.
Соработникот за енергетика, Виктор Андонов. ги презентира последните податоците според кои сите домашни енергетски капацитети се функционални, домашното производство на електрична енергија е стабилно и во целост ги задоволува потребите на домаќинствата, малите потрошувачи, како и потребите за дополнителните снабдувања за училишта, прехранбената индустрија и други витални државни субјекти.
„Во текот на вчерашниот ден дневното домашно производство на електрична енергија изнесуваше 19,205 Mwh, од кои 13,940 Mwh се од термоелектраните, а 5,265 Mwh се од обновливи извори. Со ова производство во целост се задоволени потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, како и потребите за дополнителни снабдувања за училишта, прехранбена индустрија и други витални државни субјекти“, рече Андонов.
Тој потенцира дека Владата на Република Северна Македонија и во 2023 година продолжува со спроведување на планот за полесно справување со енергетската криза, кој вклучува зголемено домашно производство на електрична енергија и непречено снабдување на граѓаните со електрична и топлинска енергија.
„Во изминатата година беа направени максимални напори за зголемување на домашното производство на електрична енергија, а за тоа јавноста секојдневно беше информирана за дневните податоци за произведената електрична енергија.
Во јануари првпат во последните 15 години, од вкупните потреби на електрична енергија во Северна Македонија, дури 87 % се обезбедени од домашните производствени капацитети, а само 13 % се обезбедени од увоз“, додаде Андонов.