26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ковачевски до Сали: Нека размисли дали може да го продолжи мандатот, можевме да направиме повеќе за Благојче

Премиерот Димитар Ковачевски посочи дека смртта на Благојче Илиевски, пациент со цистична фиброза кој не доби терапија со лекот „трикафта“, е прерана. Ковачевски јавно му посочи на министерот за здравство Беким сали: „Да размисли и да ми каже дали може да го продолжи својот мандат“. Дециден е дека иако не се знаело дали „трикафта“ ќе го излечи Благојче, тој можел да му го продолжи животот. Ковачевски не ја исклучува можноста и тој да го разреши од функцијата.

„Јас сум станат денес веројатно најрано откако сум вработен, скоро 23 години. За мене навистина е тажен ден. Не само за семејството на Благојче кое не го знам, туку и за целата земја. Благојче се бореше до последниот ден со оваа ужасна болест. Тоа е херојска борба. Но за жал на самиот крај, неговото тело не издржа. Најтажно од се е што најверојатно неговата смрт е прерана и можевме да направиме повеќе за да му го продолжиме животот. И можевме уште малку да ја одложиме агонијата на неговото заминување“, кажа Ковачевски.

Тој додаде дека зборел и со директорите на двете клиники каде се лекувал Благојче.

„Сознав дека има пациенти кои се во навистина тешка состојба и на кои лекот ‘трикафра’ нема целосно да им помогне, сепак, тоа не може да го тргне чувството на тага и гнев дека имало и најмала шанса да направиме нешто повеќе за Благојче. И прашањето е зошто не направивме, зошто се одложи се и откако ветивме, а правните и експертските тимови седнаа да најдат решение. Ќе ви кажам најотворено. Тоа е нешто што секој од вас го мисли, но нема можност да го каже. И веројатно најголемиот дел од граѓаните го мислат и не можеле да го кажат. Тоа се поради истите причини на кои нашата земја пати веќе 30 години – неверојатна бирократија. Бирократија која стартно размислува зошто нешто не може да се направи, бирократија која скоро никогаш не размислува зошто нешто треба да се направи, бирократија која очигледно нема ништо против да почека додека граѓаните страдаат. Бирократија не се некои луѓе од друга планета, бирократија сме сите ние. Редно време е да се соочиме со тоа“, додаде Ковачевски.

Кажа дека државата мора да го спречи непотребното страдање на било кој граѓанин.

„На министерот за здравство му кажав дека оваа ситуација е неприфатлива. Да размисли и да ми каже дали може да го продолжи својот мандат. Мојата одлука за кадровските прашања ќе ја донесам потоа. Јас немам намера да чекам низ бирократските лавиринити да се преземе нешто“, додаде Ковачевски.