26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

АСОМ јавно до Гир: ЕУ знаменце за неевропски закон го поткопува кредибилитетот на ЕУ во земјава

АСОМ испрати писмо до евроамбасадорот Дејвид Гир, за новиот закон за игри на среќа. Владата продолжува со неевропска практика, носи суштински закон на недемократски начин, без јавна расправа, со што врши поткопување на кредбилитетот на ЕУ во земјава, укажуваат од АСОМ.

„Длабоко сме загрижени дека оваа одлука нема правна основа и е во спротивност со принципите на демократскиот процес и учеството на јавноста. Јавната расправа за овој важен закон практично ќе биде оневозможена поради злоупотреба на европското знаме и сметаме дека тоа го поткопува интегритетот на ЕУ и нејзините вредности“- се вели во писмото кое АСОМ го достави до ЕУ.

ЕУ досега во Извештаите за напредок на земјата, во повеќе наврати има упатувано критики за носење закони по скратена постапка или со ЕУ знаменце. АСОМ во писмото бараат средба со евроамбасадорот, и очекуваат ревидирање на употребата на знамето на ЕУ за овој закон.

„Силно веруваме дека сите закони кои ја засегаат индустријата за игри, или која било друга индустрија, мора да бидат предмет на транспарентна јавна дебата, земајќи ги предвид ставовите на сите засегнати страни и обезбедувајќи почитување и заштита на правата на граѓаните. Ја повикуваме ЕУ да преземе итни мерки за да се осигура дека владеењето на правото се почитува и дека правата на сите граѓани се заштитени во овој процес“- се вели во писмото испратено до Гир.

Од Асоцијацијата укажуваат дека носењето закони кои ја засегаат индустријата не само за игри на среќа, туку воопшто мора да бидат донесени транспарентно, со јавни дебати на сите засегнати страни, што во случајов не е така.