Кога станува збор за готвењето, некои луѓе се гордеат со тоа дека се врвни готвачи, други горат сè што ќе допрат, а преостанатите се некаде помеѓу. Без разлика во која група припаѓате, постојат грешки во приготвувањето, кои всушност може да ја направат храната помалку здрава за јадење.
Светската здравствена организација (СЗО) наведува дека храната што содржи штетни бактерии, вируси, паразити или контаминанти може да предизвика над 200 болести.
Еве што советуваат здравствените експерти за да се заштитите од инфекција.
Една од најчестите причини за труење е салмонелата, која заразува над 91.000 луѓе годишно во Европа. Постојат и други предизвикувачи, како што се Campylobacter, Escherichia coli, Clostridium perfringens и Listeria monocytogenes.
Што, всушност, се случува? Бактериите што ги внесуваме преку храната се лепат на цревниот ѕид, каде што бргу се размножуваат или произведуваат токсини во храната, кои може да предизвикаат труење по ингестијата. Ова доведува до разни дигестивни проблеми, од гадење и повраќање до дијареја и стомачни грчеви. Понекогаш симптомите може да бидат потешки и може да предизвикаат трајни последици врз здравјето.
Со цел да се намали појавата на овие болести, во Европската Унија функционира систем за безбедност на храна, кој е еден од најбезбедните во светот и на кој работат многубројни експерти од цела Европа.
Бактериите салмонела најчесто се наоѓаат во јајцата, непастеризираните млечни производи и суровото месо. Затоа овие производи треба да се подготвуваат на температури над 70°C за да се отстранат опасните микроорганизми преку термичка обработка. Експертите предупредуваат дека на ова мора да обрнеме особено внимание ако готвиме за трудници, деца или постари лица бидејќи овие групи се почувствителни поради нивниот послаб имунитет.
Научниците исто така истакнуваат колку е важно правилно да се чува храната, во согласност со упатствата на пакувањата. Температурата во фрижидерот треба да се одржува под 5°C бидејќи повисоките температури го зголемуваат ризикот од развој на бактерии.
А што се однесува до маслиновото масло, експертите велат дека треба да се чува во темни шишиња, затворени и подалеку од топлина, а објаснуваат и зошто: „Маслиновото масло има многу хлорофил, кој е чувствителен на светлина. Ако го ставите хлорофилот на светло, тој ќе се претвори во други состојки, кои не ги сакате во вашето маслиново масло, а ќе се уништат и антиоксидансите што ги содржи“.
Поради напорниот распоред, често го бараме најбрзиот начин за одмрзнување на храната, па затоа ја одмрзнуваме на собна температура, а понекогаш и во топла вода. Но, научниците, користејќи го примерот на замрзнатите ракчиња, истакнуваат дека најдобар начин е да ги одмрзнете во фрижидер неколку часа пред да ги готвите. „Полека ќе се одмрзнува, што ќе го намали ризикот од добивање некои болести што се пренесуваат преку храната“, советуваат експертите за безбедност на храна.