24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

АмЧам конференција: ESG критериумите се клучни во креирањето на дополнителна вредност и долгорочна одржливост на бизнисите!

Во организација на Американската Стопанска Комора во Северна Македонија (АмЧам), денеска во Скопје се одржа конференција посветена на важноста на “ESG” критериумите (животна средина, општествени прашања и управување), истакнувајќи го нивното влијание во долгорочната одржливост на бизнисите.

Конференцијата насловена како “Embracing ESG” ја пренесе пораката дека ESG концептот се наметнува како суштински во креирањето на дополнителна вредност и развој на бизнисот, пристапот до свеж капитал и добрата репутацијата, но истовремено претставува и неопходност во управувањето со ризиците и држењето чекор со новите деловни трендови и регулативи.

Настанот го отвори претседателот на Бордот на директори на АмЧам Северна Македонија, Драган Давитков, кој во своето воведно обраќање пред присутните претставници на компании-членки на АмЧам, домашни и меѓународни институции, ја нагласи исклучителната важност на ESG критериумите во унапредувањето на деловните стандарди на македонските компании и ја повтори континуираната посветеност на АмЧам Северна Македонија во промовирањето на ESG концептот помеѓу бизнис-заедницата.

„Големите кризи со кои се соочи светот во последните неколку години, покажаа дека компаниите кои се ориентирани кон одржливи решенија и проактивно управување, беа многу поотпорни и поподготвени да се соочат со нестабилноста и предизвиците што тие кризи ги донесоа. Анализите покажуваат дека компаниите со повисоки ESG оценки имаат подобри резултати, бидејќи перформансите за одржливост можат да послужат како заштитен инструмент против негативните економски настани. Токму затоа, АмЧам заедно со своите партнери веќе три години зборува за важноста на ESG критериумите и активно ќе продолжи да ги подржува домашните компании со повеќе различни активности за ESG усогласување во периодот што претстои“, истакна помеѓу другото Давитков.

Првиот дел на конференцијата се состоеше од презентации во кои се зборуваше за значењето и важноста на “трите столба” од ESG критериумите, а беа акцентирани и различните мотиви и потреби за прилагодување, на неколку компании-членки на АмЧам, кои ги презентираа дополнителните вредности кои ESG критериумите ги создаваат за компаниите – со особен осврт кон важноста во надминувањето на глобалните предизвици и усогласувањето со неопходните европски регулативи.

Џефри Лајтфут, програмски директор за Европа во Центарот за меѓународно приватно претприемништво (CIPE), во своето воведно обраќање истакна дека ваквиот тип на настани има и за цел “да поттикне понатамошни можности за интеграција на синџирите на снабдување на пазарите од Западен Балкан”, надополнувајќи дека сега е “вистинското време за компаниите да ги подобрат своите способности за регулаторно усогласување во контекст на ESG”.

Беа споделени и успешни приказни од претставници на компании-членки на АмЧам, кои зборуваа за тоа како нивните организации ги имплементирале ESG критериумите во своето работење, кои биле предизвиците со кои се соочиле во процесот на имплементација, но најважно од се’ – кои се видливите придобивки и дополнителната вредност која потоа ја добиле.
Во последниот панел, од гледна точка на банките, донаторите и инвеститорите, беше образложено зошто ним им е важно да соработуваат со бизниси кои ги применуваат ESG критериумите и кои финансиски инструменти, фондови и останати можности им стануваат дополнително достапни на тие компании.

Анди Аранитаси, раководител за Северна Македонија во Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), го потенцираше следново:
„Инвестирајќи во одржливост, компаниите создаваат долгорочна вредност не само за нивните сопствени бизниси, туку и за поширокото општество. Ние, во ЕБРД, сме среќни што бевме една од пионерските институции во Северна Македонија што го воведе ESG концептот во земјата – преку поддршка на Македонската берза во развојот на новиот кодекс за корпоративно управување и ESG упатството за котираните компании, но и преку поддршка на нашите клиенти од приватниот сектор со обуки и советувања. Ова е само почеток на патувањето и со нетрпение очекуваме да обезбедиме понатамошна и континуирана поддршка во оваа област, заедно со нашите донатори и партнери “.

Одржувањето на овој настан е инициран од ESG Комитетот при Американската Стопанска Комора во Северна Македонија и истиот се реализира во соработка со Центарот за меѓународно приватно претприемништво (CIPE) од Вашингтон, Европската Банка за обнова и развој (ЕБРД) и финансиска поддршка од Европската Унија – Фонд за развој на претпријатијата и иновации за Западен Балкан (WB EDIF).