7.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Северна Македонија сепак не е сама, 100-те милиони евра од ЕУ ќе ја помогнат економијата во следните две години

Откако само пред само неколку дена Европската комисија одобри на 50.000 евра за проекти во Северна Македонија, Европската комисија вчера предложи да се обезбедат до 100 милиони евра макрофинансиска помош за Северна Македонија. Со овој предлог, како што истакна претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, се покажува дека Брисел стои до Северна Македонија во тешки времиња, потенцирајќи ја енергетската криза.

Помошта ќе придонесе и за покривање на финансиските потреби на државата во 2023 и 2024 година, поддржувајќи ја финансиската одржливост и структурните реформи.

Оваа помош е наменета и за успешно справување со предизвиците со кои се соочува цела Европа, но и за успешно спроведување на политиките и реформите со кои ќе се забрза интеграцијата на земјата, преку Меморандумот за разбирање помеѓу Европската Унија и Северна Македонија, а предлог е во рамки на 24-месечната програма за поддршка склучена со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), до 530 милиони евра.

– Ние стоиме покрај Северна Македонија во овие предизвикувачки времиња. Денеска предлагаме макрофинансиска помош до 100 милиони евра за поддршка на економијата на земјата, придонесувајќи за покривање на нејзините финансиски потреби во следните две години, рече претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

И Вархеји во објава на Твитер наведува дека „во овие предизвикувачки социо-економски времиња, Комисијата стои на страна Северна Македонија со својот предлог да обезбеди макрофинансиска помош до 100 милиони евра за земјата“.

Од Европската комисија информираат дека помошта би била во форма на заеми, што ќе се исплатат на две рати.

ЕУ стои зад Северна Македонија во тешки времиња и економска криза

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ вели дека со оваа помош до 100 милиони евра уште еднаш се докажува кој стои до Северна Македонија во тешки времиња и во време на економска и енергетска криза.

Помошта ќе придонесе и за покривање на финансиските потреби на Северна Македонија во 2023 и 2024 година, поддржувајќи ја и фискалната одржливост и структурните реформи.

Помошта ќе дојде во форма на заеми, а нивното спроведување ќе биде дефинирано заеднички со ЕУ, преку Меморандум за разбирање. Меморандумот за разбирање најверојатно ќе се фокусира на реформите на политиките во областите на фискалното управување, даночната политика, управувањето со јавните инвестиции, јавно-приватните партнерства, деловното опкружување, транспарентноста во државната помош, енергетската ефикасност, реформите во судството и борбата против корупција. Плаќањата, исто така, би биле условени од позитивното искуство во спроведувањето на програмата на Меѓународниот монетарен фонд, појаснуваат од Секретаријатот за европски прашања.

Како што додаваат од СЕП сите овие реформи всушност ќе ја поддржат Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ. Макрофинансиската помош е дел од поширокиот ангажман на ЕУ со соседните партнери и партнерите за проширување, и е наменета како исклучителен инструмент за одговор на кризи за партнерите кои се соочуваат со сериозни проблеми со платниот биланс.

Тоа ја покажува солидарноста на ЕУ со овие партнери и поддршката на ефективни политики во време на криза без преседан. Северна Македонија е земја кандидат за членство во ЕУ, која формално ги отвори пристапните преговори со ЕУ во јули 2022 година. На 22 април 2020 година, Комисијата усвои предлог финансиски пакет од 3 милијарди евра за десет партнери од проширувањето и соседството, за да им помогне да ги ублажат економските последици од пандемијата на коронавирус, од кои 160 милиони евра доби Северна Македонија.

Првата рата од 80 милиони евра беше исплатена во октомври 2020 година. Втората рата од 80 милиони евра беше исплатена во јуни 2021 година, по позитивната оценка од Комисијата за напредокот постигнат во однос на исполнувањето на условите на политиката поврзани со оваа помош.

53 милиони евра за Северна Македонија од ЕУ за инвестиции во енергетиката и животна средина

На први февруари Европската комисија одобри 53.015.968 евра за Северна Македонија, за три нови проекти за спроведување на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан и тоа: Реновирање на шест хидроцентрали, изградба на ветерен парк во Богданци и изградба на регионални центри за цврст отпад во Полог, Пелагонија, Вардар, Југо-западен и Југо-источен регион, во соработка со Европската банка за обнова и развој, објави вицепремиерот Маричиќ.

Маричиќ како Национален ИПА координатор смета дека европските фондови и странската донаторска помош е од огромно значење на енергетската независност и за заштита на животната средина, две области кои носат сериозно подобрување на квалитетот на живот за македонските граѓани.

– Ова е помош за државата да ги изведе реформите, но и побрзо и полесно да ги достигне европските стандарди преку подобрување на животната средина и подобрување на инфраструктурата, потенцира Маричиќ.

До крајот на јули минатата година, Европската унија ги одобри првите четири инвестициски проекти за спроведување на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан. Нашата земја аплицирање со 4 инвестициски проекти и ја доби поддршката за сите проекти во износ од 225,6 милиони евра. Одобрените проекти на последниот повик за инвестициски грантови се за проектот изградба на железница помеѓу Северна Македонија-Бугарија на коридорот 8, секција Крива Паланка – граница со Бугарија доделен грант од Инвестициска рамка за Западен Балкан (WBIF), во износ од 149.2 милиони евра, за проектот за набавка на опрема за Осломеј 1 Фотоволтаична станица во износ од 1.6 милиони евра, за набавка на опрема за Осломеј 2 и Битола Фотоволтаична централа, во износ од 5 милиони евра и за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје, во висина од 69.8 милиони евра.

Во рамките на шестиот повик за инфраструктурни грантови беа одобрени грантови во износ од 1,1 милијарди евра за сите шест земји од Западен Балкан, а проектите од Северна Македонија учествуваат со 20,5% од одобрениот износ, информираат од Секретаријатот за европски прашања.

 

Соња Танеска

извор: Civilmedia.mk

Спонзорирано: