8.8 C
Скопје
5. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ниту стотици Бугари, ниту полиција од Софија, институциите на висина на задачата- само Гоцевиот културен натпревар има смисла за иднината

Државните институции на Република Северна Македонија покажаа одговорност и одмереност во однос на активностите организирани по повод прославата на роденденот на револуционерот Гоце Делчев, со цел достоинствено да се одбележи 151 годишнината од раѓањето на историскиот великан. Иако претходните години организацијата и славењето на роденденот не носеа толку предизвици, годинава со оглед на македонско- бугарските односи, и според најавите за некаква радикализација, полицијата мораше поинаку да се постави и да делува, со цел да не се остварат заканите на поединечни групации, кои во континуитет промовираат дестабилизација на меѓудржавните односи.

И покрај таквите најави од одредени радикални структури од двете страни дека ќе има провокации и предизвикување немири, сепак МВР со преземањето превентивни мерки покажа дека е на висина на задачата и успеа да ги спречи сите провокатори и радикални структури кои имале намера да ја попречат прославата на ликот и делото на Гоце Делчев, па дури и да предизвикаат одредени инциденти.

Мнозинството граѓани кои се појавија во црквата „Свети Спас“, на вечното почивалиште на Делчев, како и претседателот, премиерот, претставниците од Владата и поголемиот дел од партиите со својата смиреност, одмередност и државнички однос покажаа дека не подлегуваат на национализмот и повиците за радикализација и не дозволија и не придонесоа да се случат инциденти, кои во позадина многумина ги посакувале. Покрај македонските делегации свое достоинствено однесување имаше и официјалната бугарска делегација која се поклони на гробот на Гоце Делчев, без никакви провокации и обиди да го наруши мирот на настанот. Иако бугарскиот министер за внатрешни работи изрази сомнеж за големиот број полицајци, на крајот се покажа дека можеби стравот од полициското присуство спречи ескалација на ситуацијата.

Иако полицијата мораше во поширок круг да се распореди околу црквата и да прави повремени пропуштања на граѓаните во помали групи за да стигнат да се поклонат на гробот на Делчев, сепак тоа делуваше смирувачки и воведе ред, колку и некои да не мислат така, а со крајна цел да се спречи хаос, за кој очигледно, претходните денови, беа подготвени одредени внатрешни и надворешни групации. И полицијата на граничните премини со Бугарија беше приморана да делува со цел да спречи физички инциденти. Иако на Деве Баир имаше изолиран вербален инцидент, кој заврши и со приведување на неколкумина бугарски државјани, сепак тоа не го изремети вкупниот впечаток дека на двете држави сепак повеќе им одговара мирно завршување на денот, отколку долевање масло на огнот.

А такво масло, деновите пред 4 февруари, беа лажните вести и дезинформациите дека преку 300 луѓе организирано ќе дојдат од Бугарија, ќе го нарушуваат достоинството на македонскиот народ и држава и дека се спремни за немили сценарија, како и тоа дека бугарска полиција чека покана за да ја обезбедува црквата „Свети Спас“ во Скопје. Токму ваквите дезинформации во јавниот дискурс се покажа дека имаат за цел да креираат тензија и да го нарушат имиџот и достоинството на нашата држава и институциите. На крајот, сето ова се покажа за неточно, можеби и затоа што безбедносните сили знаеја како да ги скротат и оние минимални шанси за немири и инциденти.

По вчерашниот ден како да стана јасно сека сепак двете страни во спорот не сакаат целосно нарушување на односите и прекин во комуникацијата, свесни дека од тоа полза ќе имаат трети страни кои не му мислат добро на целиот регион, оние кои не сакаат да ја видат Северна Македонија интегрирана во Европската Унија. За среќа, институциите и граѓаните на дело покажаа дека се застапници на Гоцевите идеали за европски вредности, и дека единствено културниот натпревар меѓу народите има смисла. Сето друго е уназадување, изолација и осиромашување на граѓаните.

Спонзорирано: