24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Работниот комитет за евроинтеграции продолжува со работа

Заменичката на главниот преговарач со ЕУ, Дрита Абдиу-Халили, ја отвори четвртата седница на Работниот комитет за европска интеграција (РКЕИ), на која точки на дневен ред за дискусија беа статусот на билатералниот скрининг, статус на спроведување на ИПА-програмата, а беа разгледани и дел од актуелните активности што ги координира СЕП.

„Главна цел на Работниот комитет за евроинтеграции во овој период е билатералниот скрининг со фокус на оние кластери, кои се актуелни и се во подготовка или имаме преземени обврски за постапување по нив“, истакна Абдиу Халили на отворањето на седницата осврнувајќи се исто така и на ажурираниот календар за скринингот, текот на досегашните билатерални состаноци од Кластерот 2, „Внатрешен пазар“, оние поглавја што се во подготовка во наредните недели и произлезените обврски.

Заменичката на главниот преговарач со ЕУ, Дрита Абдиу-Халили, ги информира државните секретари на министерствата дека одговорите на дополнителните прашања од скрининзите за поглавјата 5 и 18, „Јавни набавки“ и „Статистика“, се доставени до Европската комисија и дека во фаза на подготовка за доставување се и одговорите за дополнителните прашања за областа функционални демократски институции, Поглавје 23, „Правосудство и фундаментални права“ и за Поглавјето 24, „Правда, слобода и безбедност“.

Претседавачката со Работниот комитет за евроинтеграции ги потсети членовите дека целокупниот процес на заокружување на скринингот завршува кога сите прашања се одговорени и доколку нема нови дополнителни прашања од страна на Европската комисија до преговарачкиот тим, тогаш официјално почнува пишувањето на скрининг-извештаите и во тој контекст таа порача дека во интерес е нашите обврски да ги завршиме навреме и квалитетно.

За Кластерот 2, ‘Внатрешен пазар’, за кој во тек се билатералните состаноци, заменичката на главниот преговарач ја искористи пригодата и уште еднаш укажа на важноста да имаме квалитетни презентации за секој од состаноците, а презентерите да бидат добро подготвени, со цел да ја задржиме досегашната пракса на квалитетни презентации и излагања пред Европската комисија.

Во тек се подготовките за билатералните скрининзи и за другите поглавја од Кластерот 2, а од Европската комисија веќе се пристигнати материјали за поглавјата 10, 16 и 29, „Информатичко општество и медиуми“, „Оданочување“ и „Царинска управа“, од Кластерот 3, „Конкурентност и инклузивен раст“.

За статусот за спроведување на ИПА-програмата, државната секретарка на Секретаријатот за европски прашања информира дека во тек е подготовка на осмиот ИПА-мониторинг-комитет, кој ќе се одржи на 8 март, што остава доволно простор, како што рече таа, на сите ИПА-координатори да им дадат квалитетен придонес во ажурирање на заклучоците, а накусо се осврна и на процесот на програмирање на програмата за 2024 година.

Таа ги информира членовите на Работниот комитет за евроинтеграции дека почна имплементацијата на проектот SUPRAE, кој е еден од најважните активни проекти во Секретаријатот за европски прашања, кој во следните три години ќе обезбеди поддршка во процесот на пристапување на земјата за Секретаријатот за европски прашања и за сите релевантните институции во овој процес.