Објавена е рецензија за новиот роман на истакнатиот писател Томислав Османли, „Столб што пее“. Овој четврти роман на Османли беше најавен како антивоено, хуманистички ангажирано книжевно дело, а преку рецензијата од универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска добива и уште едно критичко вреднување.
„Столб што пее“, како што е напоменато и во рецензијата на Мојсова-Чепишевска, е роман за бројните љубовни приказни во севозможни временски и просторни преселби кои патуваат и кои патувајќи ја носат во своите бовчи, во своите куфери и сета семејна тага, но и онаа мала семејна радост. Во градбата на делото се распоредени автентични – историски и засведочени информации, документарни фотографии, интернет адреси и неколку изразливи QR кодови. Колку многу енергија, колку страст му требаше на Османли сето ова да го истражи, се запрашува Мојсова-Чепишевска.
Овој роман на Османли оперира со многу историски моменти и со историски личности кои прераснуваат во полнокрвни книжевни ликови, со кои се настојува тие да бидат покажани „како обични смртни луѓе со сите свои слабости, како луѓе кои како и останатите, историски незасведочени имаат свои болки и свои таги.
– Но романот „Столб што пее“ не е историски. Исто како што не е ни картографски иако скоро во добар дел е пишуван доста картографски, како и претходните романи на Османли „Зад аголот“ и „Дваесет и првиот“. Што значи тоа? Османли промовира една фреквенција на просторната метафора која, пак, ја изразува симултаноста на номадскиот статус. Потребата за изготвување карти, вели Роси Браидоти во својата книга „Номадски субјекти“, овозможува текстот да се доживува како еден камп. Така и Османли постојано исцртува патокази, упатува на местата каде што биле ликовите, но и на промената на пејзажот на нивната индивидуалност. Со неговите описи оживуваат пејзажите, воскреснуваат старите градови, полнокрвно и рамноправно живеат и фактичките и фикциските елементи во секој лик. Османли истовремено упатува и на местата кои се дел од нивните животи и на промените кои се дел од нивните индивидуалности, како техника што ја читаме и во романите на Митко Маџунков, посочува Мојсова-Чепишевска.
Во рецензијата, таа отвора бројни прашања поттикнати од микрочитањето на романот на Османли. Дали некогашната перцепција за медитеранизмот како филозофија и естетика на слободата, сега во XXI век се трансформира во слика на затворени граници, во гробница на невини жртви? Дали некогашниот простор во кој можеа сите сетила истовремено да се возбудат, во кој „ѕуни природата од живот“, станува веќе простор што не може да се преплива, граница што не може да се помине, препрека што не може да се прескокне? – се само дел од прашањата.
– И во овој роман како и во претходните на Османли, ликовите се обидуваат да воспостават комуникација со нас – читателите. Зашто сите до еден сфаќаат дека токму неизреченото, премолченото, е она што најмногу ги боли. Затоа, нивните приказни мора да бидат раскажани. Затоа, нивните приказни мора да бидат слушнати. Во името на таа комуникација ние се напрегаме да ги следиме сите нив, а ги има и премногу, за да не испуштиме нешто битно од нивните приказни и за да можеме заедно да одговориме на прашањето: Дали е можно, сепак, на крај да нѐ води мислата дека културата е она што им припаѓа на сите, а со тоа и дека никој нема право на повластеност по однос на одделни артефакти, песни, музики … Зашто како што пишува и самиот Османли: „Културата е како вода што навира од неколку главни извори и се разлева во океанот на регионалниот, потоа и на светскиот дух… и така им припаѓа Едната на Другите, а оттаму, следствено, на Сите…“ (Османли, 2022: 234) и токму свртеноста кон неа треба да нѐ избави од/во овој разделен и зовриен свет – нагласено е во рецензијата на Мојсова-Чепишевска.
Инаку, хронотопот во романот „Столб што пее“ има опфат од антиката поточно од првиот век на оваа наша ера сѐ до нашата драматична 2022, а распослан на античка и современа Европа и Азија, од каде „ѕиркаат“ и Америка и Африка, од Смирна (Измир) во 1922. до Халеп во 2012. и до Мариупол во 2022 година. Иако во преден план се сите воени ужаси на светот, „Столб што пее“, како што е истакнато во реценцијата, не е воен роман, туку роман кој на тие воени катострофи гледа како на „последователна, историска неминовност, како закономерност на злото, како најнепосреден, најуверлив доказ за деконструкцијата на човекот.“
– Истражувајќи за столбот што пее, за епитафот на поетот Сејкилос, сѐ со цел да не дозволи да падне во заборав, Томислав Османли како да нѐ повикува да не заборавиме и на некои други епитафи, како на оние многузначајни стихови што на својата надгробна плоча ги вдлаби во каменот македонскиот преродбеник Кирил Пејчиновиќ, напоменува меѓу другото Мојсова-Чепишевска.
Претходно, универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, со свои критички одгласи се има произнесено и за други дела на Османли.