Цените на акциите силно пораснаа на Волстрит во вторникот, бидејќи новите знаци за намалување на инфлациските притисоци во САД ги поддржаа надежите дека американската централна банка наскоро ќе го заврши циклусот на зголемување на каматите.
Dow Jones се зголеми за 1,09 отсто, на 34.086 поени, додека S&P 500 скокна за 1,46 отсто, на 4.076 поени, а индексот Nasdaq порасна за 1,67 отсто, на 11.584 поени.
Индексите ги повратија сите загуби од претходниот ден
Така, индексите ги повратија сите загуби од претходниот ден, а цените на акциите пораснаа во сите 11 најважни сектори на S&P 500.
Ова најмногу се должи на податоците дека трошоците за работна сила пораснале со најниска стапка во една година во последниот квартал од минатата година, бидејќи растот на платите забави. Со ова се поткрепи тезата дека челниците на ФЕД ќе ги зголемат каматните стапки на овонеделната седница за само 0,25 процентни поени, а не за 0,50 поени, како на последната седница лани.
Одлуките на ФЕД ќе бидат објавени во среда, а по објавувањето, претседателот на банката Џером Пауел ќе одржи прес-конференција која би можела да им даде насоки на инвеститорите во однос на натамошниот развој на каматните стапки.
Инвеститорите се надеваат дека конечната каматна стапка, со која ФЕД ќе го запре циклусот на покачување, би можела да биде помала од 5 отсто, иако повеќето функционери на ФЕД изјавија дека ќе треба да ги зголемат стапките над нивото од 5 отсто за да ја ограничат инфлацијата.