Пофлексибилни и модерни правила за потеклото на стоките сè со цел подобрување на извозната конкурентност
1 февруари 2023 – Членките на ЦЕФТА започнуваат со примена на преодните правила за преференцијално потекло на стоките, заедно со правилата на Пан-евро-медитеранската (ПЕМ) конвенција. Додека се чека на ревизијата на ПЕМ конвенцијата, повеќето договорни страни, вклучително и ЦЕФТА страните, ЕУ и ЕФТА, одлучија да им дозволат на компаниите да ги користат модернизираните и поедноставените правила за потекло и започнаа со примена на преодните правила на билатерална основа.
Новите правила се пофлексибилни со цел да се намали административното оптоварување и со тоа да се поедностави трговијата, да се обезбедат повеќе можности и да им се овозможи на компаниите да станат поконкурентни на другите пазари.
Правилата стапија на сила на 1 февруари 2023 година, откако сите членки на ЦЕФТА ги финализираа своите интерни процедури.
„Со примена на ревидираните, пофлексибилни и модерни правила, страните ќе можат да ја зголемат својата извозна конкурентност. Преодните правила за потеклото на стоките го поедноставуваат системот, го поедноставуваат определувањето на потеклото на стоките и дополнително ја олеснуваат трговијата во ЦЕФТА и со ЕУ“, објасни директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ.
ПЕМ конвенцијата е меѓународен договор кој има за цел да воспостави единствен сет на правила за потеклото на стоката. Во 2013 година, договорните страни на ПЕМ започнаа дискусија за ревизија на Конвенцијата, со цел да се прилагоди на економската реалност. Бидејќи усвојувањето на ревидираната конвенција не успеа во 2019 година, повеќето договорни страни одлучија однапред да ги применат ревидираните правила. Во моментов, паралелно ќе се применуваат два групи правила, оригиналните правила за потекло на ПЕМ и преодните правила, а економските оператори ќе можат да избираат помеѓу важечките правила.
Кои се предностите?
Новиот чекор што ЦЕФТА го презема кон олеснување на трговијата се фокусира на намалување на административната бирократија и зголемување на обемот на трговијата.
Новите правила обезбедуваат неколку поедноставувања, вклучувајќи:
• Пофлексибилни и поедноставни правила на производот
• Пофлексибилни правила за толеранција: Зголемување на учеството на непреференцијалните материјали во готови производи од 10% на 15% по нето маса за земјоделски производи, додека за индустриските производи (освен текстил) толеранцијата е поставена на 15% од материјали без потекло врз основа на екс-работна цена на финалниот производ.
• EUR.1 или декларацијата за потекло ќе важи како единствен тип на доказ за потекло и неговиот рок на важност е продолжен од четири на 10 месеци.
• Постојат и опции за договори за примена на системот на регистрирани извозници и договори за употреба на доказ за потекло издаден и/или доставен по електронски пат.
Можностите за повлекување на давачките и целосна кумулација како придобивки од преодните правила се имплементирани во ЦЕФТА од 2019 година.