19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Шаќири: ги остваривме сите програмски цели во 2022, образованието е приоритетна област за инвестирање и оваа година

И покрај бројните предизвици во 2022 година, успеавме да ги оствариме речиси сите поставени програмски цели во образованието. Фокусот беше ставен на неколку компоненти– инфраструктура, нови наставни програми и учебници, поддршка за професионален развој и подигнување на мотивацијата на наставниот кадар, инклузија, унапредување на ученичкиот и студентскиот стандард и влог во науката и истражувањата. Истите приоритети остануваат и годинава, за што имаме буџет од 450 милиони евра, за 8,4% поголем од ланскиот. Тоа потврдува дека образованието ќе биде приоритетна област за инвестирање, дури и во услови на изразена економска и енергетска криза.

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната панел дискусија посветена на инвестиции во образованието, културата и животната средина, организирана во рамки на дводневната конференција „Година на нови можности“ што се одржува во Скопје, а по повод една година од мандатот на новиот владин состав. Осврнувајќи се на сработеното во 2022 година, тој најави дека годинава темпото на работа ќе се интензивира, затоа што, како што рече, се интензивира и целиот процес на интеграција на земјата во Европската унија.

„Со буџет од 1 милијарда денари за инфраструктура во 2022 година и реализација над 95%, успеавме да ја завршиме изградбата на 3 училишни објекти, а 3 се уште се градат. Реконструиравме 30тина училишта, а се реконструираат други 20. Завршена е изградба на 6 училишни спортски сали. Во меѓувреме сите основни училишта добија нови кабинети по природни науки или пак, постојните беа опремени со современа опрема и нагледни средства“, информираше Шаќири.

Додаде дека годинава МОН има за 9% повеќе средства од лани за инфраструктура.

„Ќе го завршиме почнатото, а ќе следи и изградба на неколку нови објекти, на пример објект за потребите на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, доградба на објектите на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура во Скопје, нов објект за кумановската гимназија „Сами Фрашери“.Ќе започнат активностите за целосна реконструкција на сите 9 државни студентски домови и во рок од 30тина месеци треба да станат современи и енергетски ефикасни. Ќе поставиме камен темелник на 10 нови училишни спортски сали“, најави министерот за образование и наука.

Во планот на МОН за 2023 е предвидено и да започне изградбата на тоалети за ученици со посебни потреби и пристапни рампи во 118 основни училишта. Тоа, како што рече Шаќири е еден придонес кон подигнувањето на инклузивноста, за која се заложивме и преку ангажирање на образовни асистенти во основните училишта, а наскоро и во средните.

„Годинава имаме 720 образовни асистенти, а ќе бидат и многу повеќе, согласно потребите. И тоа е обврска на државата и повеќе не е товар на семејствата на учениците со попреченост“, нагласи министерот.

За наставата да биде креативна и да поттикне учење со разбирање, МОН и другите надлежни институции продолжија со изработка на нови наставни програми и учебници за основното и средното образование. Над 20 учебници за основците се испечатени и целосно дистрибуирани, наскоро, според Шаќири ќе има уште толку за други одделенија во основното образование. Потенцираше дека одобрени се и 50тина за средно стручно образование и најави дека и тие ќе се печатат во текот на оваа календарска година.

„Иако има критики за доцнењето на овие процеси, јавноста треба да знае дека тие се навремено започнати, но се прилично комплексни и затоа, работиме на нов Закон за учебници кој ќе го олесни тој процес, а ќе го унапреди квалитетот на содржината“, рече министерот.

Осврнувајќи се на грижата кон наставниците, рече дека сите 25 илјади наставници во 2022 година добија повисоки плати за 15% и дека претходно со измените на Законот за минимална плата, покачување на приходот од работа добија и околу 4700 лица во училиштата ангажирани како административно технички кадар, a годинава ќе има и ново усогласување со минималната плата.

„Обезбедивме и нови видови стипендии за студентите, а во делот на ученичките ги проширивме квотите кои се доделуваа и опфативме над 500 ученици повеќе од претходната учебна година. Има субвенциониран студентски оброк и тој ќе се зголеми за некој месец“, рече Шаќири, говорејќи за унапредувањето на ученичкиот и студентскиот стандард.

Во делот на науката и истражувањето пак, нформираше дека лани биле исплатени 240 милиони денари, како поддршка на реализацијата на проекти на јавните научни установи и поддршка во набавката на нови лабораториски ресурси на високообразовните установи.

„Сега веќе имаме нов план и нов буџет, за 2023 година. Благодарен сум што поддршката кон образованието расте. Јасно е дека немаме друга алтернатива, освен да вложуваме во квалитетно знаење на граѓаните, во креативност, наука и иновации“, додаде Шаќири.

Спонзорирано: