23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
maricic
.МАКЕДОНИЈА

Маричиќ: Реформите, политичкиот дијалог и користењето на европските фондови пресудни за процесот на преговори со ЕУ

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во своето обраќање на годишната конференција „Година на нови можности“ рече дека 2022 година е најуспешната година на европските интеграции и дека е клучна пресвртница во нашите односи со Европската Унија, посочувајќи дека годинава акцентот ќе биде ставен на скринингот, реформите и уставните измени.

– Можеме да забележиме дека има разлика во нашиот статус и во начинот на којшто комуницираме со Европската Унија оваа година. Што е тоа што не очекува и ни е најважно е секако успешен завршеток на скринингот и креирање на оние неопходни документи коишто се предуслов за отворање на првиот кластер. Важна е и политичката димензија на европските интеграции, а тоа е обезбедување на вистински политички консензус за европски интеграции, не само на зборови, туку и на дела, со комплетирање на уставните измени и продолжување на овој процес понатаму, изјави Маричиќ.

Вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ информираше за динамиката на скрининг процесот и кажа дека областите од кластерите „Темелни вредности“ и „Внатрешен пазар“ ќе бидат главните теми за 2023 година.

– Ние требало, уште пред да ги добиеме скрининг Извештаи на пролет, да започнеме да ги работиме клучните документи, Патоказите, коишто се предуслов за отворање на првиот Кластер. Овој динамичен пристап на преговори ни овозможува да одиме побрзо таму каде што сме поподготвени, а таму каде што не сме подготвени да бидеме успорени, но имаме и можности да забрзаме толку колку што треба и таму каде што треба. Тоа е предност, но тоа е воедно и одговорност и товар, потенцираше Маричиќ.

Според вицепремиерот доколку ние го завршиме скринингот успешно, доколку до пролет ги изготвиме Патоказите, можеме да очекуваме дека до почетокот на летото е возможно и тие документи да се најдат пред Советот на министри на Европската Унија на разгледување. Тоа значи дека што поскоро и што побрзо ја завршиме политичката димензија, втората димензија на европските интеграции, а тоа е комплетирање на уставните измени и остварување на оној неопходен консензус за движење понатаму, толку побрзо ќе се движиме напред, појасни на панелот Маричиќ укажувајќи дека нема веќе изговори дека некој нè блокира или дека чекаме некоја држава членка да пушти сигнал. Сигналите се тука, се е напишано на хартија, и треба да го направиме тоа, порача Маричиќ на панелот „ЕУ интеграции и реформски процеси“ во рамки на годишната конференција „Година на нови можности“, која се одржа по повод година дена од работа на Владата.

Вицепремиерот Маричиќ кажа и дека во оваа фаза на процесот на преговори важно е максималното искористување на сите можности за обезбедување на финансиска помош од Европската Унија, којашто не е мала, и не е безначајна, особено во овие моменти на криза.

– Околу 100 милиони евра годишно добиваме само европски средства. Нашата идеја е да продолжиме со координација на донаторите, што е многу важно, за да успееме заеднички нивната координација да ја доведеме во врска со Националниот план за развој или стратегија за развој, којшто треба долгорочно да ги определи приоритетите, за да секој понатаму, кога доаѓа или во Владата, или во државата, има увид во тоа кои се приоритетите, за што имаме обезбедено повеќе домашен домашни средства, за што имаме обезбедено пари од ЕУ, а каде навистина се потребни дополнителни средства, рече Маричиќ.

За ИПА средствата и генерално средствата на странска помош Маричиќ кажа дека се позитивно и убаво лице на европските интеграции коишто треба да помогнат на државата да ги изведе тешките реформи, односно да ги изведе промените на правилата и трансформацијата на системот којшто не се едноставни и за отворање на пазарот, и за подобрување на инфраструктурата, и за подобрување на животната средина, итн.,

– Мислам дека крупните инфраструктурни проекти ни се на увид, тоа граѓаните можат да го видат. Коридорот 10 е завршен, Коридорот 8 се работи, целата помош во енергетика околу фотоволтаичните станици низ државата што се градат, сето тоа е многу битна компонента на странска помош. Инфраструктурата е во фокусот, и енергетиката, и така треба и да остане, посочи вицепремиерот и Национален ИПА координатор.

Маричиќ посочи дека Владата навистина ги има евроинтеграциите како свој приоритет, и порача тоа да се прелее и на другите политички партии, политички субјекти во Собранието и со трезвен пристап и со ладни глави сите да направат нешто за што граѓаните ќе им бидат благодарни.