Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, гостуваше во емисијата Zoom in на регионалната телевизија Bloomberg Adria на која говореше за потребата за увоз на работна сила како неминовно решение за недостигот на работна сила со која се соочува нашата земја.
Вицепремиерот Битиќи истакна дека веќе е дојдено време да ја отвориме дискусијата за потребата од дополнителна работна сила на пазарот на труд.
Во разговорот, Битиќи рече дека додека веќе работиме на доквалификација и реквалификација на одредена група невработени во Северна Македонија за истите да ги прилагодиме на потребите на пазарот, дополнително ќе мора да се најде начин да се надополни одливот на работници.
„На пазарот на труд има недостаток на работна сила и мора да одговориме на тој предизвик ако сакаме да имаме забрзан економски раст“, рече Битиќи.
На прашањето на Bloomberg Adria дали во тие 14 посто невработеност не може да ги најдеме квалификуваните кадри кои што ги бараат компаниите, и оттаму да ги земат наместо да се бара увоз на работна сила, вицепремиерот одговори дека примарно работната сила ја бараме од тие кои се активни баратели на работа, но констатација на сите, е дека се уште имаме недосток на работна сила но и во некои сектори пецифично квалификувана работна сила.
На темата за увоз на работна сила во истата емисија на Bloomberg Adria говореа и Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата на Република Северна Македонија и Глигор Бишев, претседател на Советот за унапредување на високото образование и стратегиски истражувања на Стопанската комора.
„На пазарот има сериозен недостиг од работна сила, па затоа според стандардот на работниците и платите во регионот и пошироко, сметаме дека ќе мора да се потпираме на работна сила која ќе мора да ја донесеме од блискиот и далечниот исток, а можеби и од други континенти“, изјави Бошков.
Додека пак Глигор Бишев во неговата изјава истакна дека Северна Македонија и покрај тоа што има стапка на невработеност од 14,2 отсто, речиси не можат да се најдат лица за работа во градежништвото, но и во голем број други индустрии, а исто така и во голем број услужни сектори.