11.8 C
Скопје
23. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Кутиров: Царинските постапки отсега се завршуваат од далечина, електронски, без физичка интеракција со службеници

„Дигитализацијата на царинското работење е значаен приоритет на Владата, на кој ние сме целосно посветени, бидејќи Царината е една од важните алки во меѓународниот синџир на снабдување, кој се заснова на глобални стандарди и правила за тргување“, рече директорката на Царинската управа, Славица Кутиров, во интервју за „Капитал“. Спроед неа навремената и ефикасна имплементација на европските регулативи и системи на национално ниво, а особено директната интерконекција во централните европски системи, го унифицира нивото и начинот на спроведување на царинските постапки со оние во развиениот свет. Таа додава дека тоа е значајно за нас како држава, но пред сѐ е значајно за домашните компании бидејќи дава предвидливост, забрзување на процедурите и истовремено намалување на трошоците, како силен поттик при нивното учество на пазарите на ЕУ и пошироко.

-Анализите покажуваат дека придобивките од дигитализацијата и олеснувањето на трговијата, таргетираат над 11.000 домашни компании – активни учесници во увозно – извозните постапки. Во таа насока, како резултат на силната посветеност на дигитализацијата, го ставивме во функција новиот Систем за обработка на царински декларации и акцизни документи, со што успеавме да воспоставиме технолошки нова платформа за бесхартиено работење. Она што е многу значајно е дека оваа нова платформа обезбедува интеграција и интероперабилност со другите царински системи (NCTS, EXIM, ITE), наменети за електронско процесирање на сите царински постапки, како што се транзитните постапки, електронското издавање на дозволите за увоз – извоз, како и интеграција со системите и базите на податоци за администрирање на давачките и мерките поврзани со царинската тарифа и царинските одобрениј, вели директорката на Царина.

Таа вели дека голем успех е што во 2022 година преку оваа платформа се обработени над 1.3 милиони електронски документи и обезбедена е 99,7% достапност на сите услуги кои се дел од неа.

-Значајна новина со која во целост го заокруживме бесхартиеното работење во царинските постапки и на што сме посебно горди се новите сервиси ставени во функција со т.н. зелена царинска декларација. Сервисите кои ги нуди зелената царинска декларација им овозможуваат на економските оператори далечински без интервенција и физичка интеракција со царинскиот службеник да ја завршат постапката за еден час и да ги пуштат стоките во слободен промет.
Имено, од ноември минатата година економските оператори, поконкретно застапниците, веднаш по пристигнувањето на стоките, електронски ја поднесуваат царинската увозна или извозна декларација преку нивните системи до системот на Царинската управа, во кој се врши автоматска проверка и валидација на податоците, електронско приложување на потребните документи, автоматска селекција на канал за контрола. Доколку системот не предвидува контрола и нема дополнителни сомневања од царинскиот службеник, системот проверува дали се платени потребните давачки и автоматски ги ослободува стоките за еден час, за што електронски го известува застапникот, заклучи Кутиров.

Спонзорирано: