21.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Извор од ЕУ: Македонија реагираше навремено и соодветно за инцидентот во Охрид

Извор од Европската унија не гледа логика за натамошната ескалација на тензиите меѓу Македонија и Бугарија бидејќи тоа не е во интерес ниту на едната ниту на другата земја, ниту на соседите, ниту на Унијата. Уште повеќе, Македонија ја смета за земја во која генерално и континуирано има добра практика во почитувањето на правата на малцинствата, а реакцијата за последниот инцидент во Охрид на надлежните органи ја оцени како соодветна и навремена, бидејќи настанот беше осуден од сите, а извршителите беа приведени.

Со забелешка дека ова не е лесно време, и дека во односите на Македонија со Бугарија има подеми и падови, тој сепак е оптимист и смета дека има елементи процесот околу преговорите на Македонија да се придвижи напред – и покрај одлуката на Софија за повлекување на амбасадорот и заканата за замрзнување на сите меѓудржавни проекти.

Запрашан за изјавата на бугарскиот шеф на дипломатијата Николај Милков, дека не може да ни стави вето на преговорите бидејќи не се ни почнати, овој ЕУ извор вели дека преговорите со Македонија беа отворени во јули, дека се одржа меѓувладина конференција и дека почна скринингот кој, да не било така, немало да биде можен. Според него, уставните измени се потребни за да се комплетира процесот, а францускиот предлог е таков што кога ќе се случат тие, преговорите автоматски продолжуваат, без можност тоа прашање да се отвора повторно.

Она што сакаме да видиме во ЕУ е намалување на тензиите и добрососедски односи, а не нивна ескалација, нагласи тој, без да сака да ги коментира најавите за прогласување на некои политичари од Бугарија за непожелни во Македонија, бидејќи тоа го смета за прашање за Советот за национална безбедност, а не за Брисел.

Околу дилемата дали ЕУ можат да ни дадат гаранции дека Софија нема да може да ги користи ваквите инциденти за блокирање на Македонија, тој рече дека нема идеја како може да се направи тоа, но посочи дека нема интерес и расположение кај земјите-членки прашањата за историјата, за јазикот или за идентитетот да станат дел од евроинтеграцијата на Македонија, а правата на малцинствата се дел од процесот, но тука Македонија покажала дека ги почитува и има добри резултати.

За уставните измени, овој извор нагласи дека се билатерална обврска договорена меѓу Бугарија и Македонија и суверена одлука на нашата држава.

„Прашањето стана многу исполитизирано, иако промената на Уставот нема влијание на прашањето на идентитетот на граѓаните. Ниту тој ќе се смени со преговорите, ниту јазикот, ниту историјата“, порачува овој извор од ЕУ.

Но, ако не се остварат измените на Уставот, логично е, според него, дека процесот на преговори ќе биде запрен и затоа треба да се имаат во предвид импликациите ако не се направат уставните измени. Тој смета дека одлуката да има предвремени избори или не е наша суверена, но нагласи дека она што влијае на животот на граѓаните се корупцијата и владеењето на правото и подобро е да го искористиме времето до 2024 година да ги направиме реформите. Според него преговорите со ЕУ ќе успејат само ако се национален проект, т.е. ако сите ги поддржат, иако тоа не значи дека опозицијата за сѐ треба да вика „да“.

Европски дипломати имале „искрен разговор со ВМРО-ДПМНЕ“ и ставот што им го изнеле тие бил ист како тој што го кажуваат јавно, но во ЕУ се надеваат дека со разумни разговори, особено околу тоа која ќе биде навистина импликацијата од промената на Уставот, ќе се обезбедат доволно гласови да се направат промените.

За прифатената истрага за работењето на еврокомесарот Оливер Вархеи овој извор оцени дека е работа меѓу Европскиот парламент и Европската комисија, но оцени дека Вархеи е многу посветен на проширувањето, многу ангажиран и минатата година сме виделе успеси на тоа поле.

Извор: Независен.мк

Спонзорирано: