25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Талески: ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи договорот со Фронтекс во Собранието

Договорот со Фронтекс што нашата држава го потпиша на официјален македонски јазик е голем успех за македонската држава и дипломатија. Со тоа пропаднаа во вода сите лаги и хистерии што опозицијата, а пред сè, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Левицата, ги ширеа овде во Собранието, но и надвор од него. Паднаа во вода лагите дека македонскиот јазик ќе бил загрозен, немало да биде признаен од ЕУ дека ќе се именувал како бугарски дијалект, изјави на денешната прес-конференција, Миле Талески, пратеник на СДСМ.

Тој наведе дека поминаа повеќе од шест месеци од потпишувањето на договорот со Фронтекс, а ВМРО-ДПММНЕ и Левицата не собраа храброст да се извинат за тоа што грубо ја лажеа јавноста. Денеска, пред нас пратениците, на дневен ред е ратификацијата на договорот со Фронтекс. Кога веќе ја испуштија можноста да им се извинат на граѓаните за сите лаги во врска со македонскиот јазик и идентитет, пратениците имаат шанса денеска тоа да го сторат преку гласање ЗА ратификација на договорот.

Договорот со Фронтекс е еден од најсилните докази дека македонскиот јазик е признаен од ЕУ и тоа со чиста формулација, без додавки и фусноти, како што тоа беше случај пред десеттина години, рече Талески.

Талески истакна дека пратеничката група на СДСМ, како и парламентарното мнозинство, ќе гласа ЗА ратификација на договорот.

Тој потсети дека потпишувањето на договорот е придобивка од европскиот предлог и заклучоците во однос на него, кои беа изгласани од парламентарното мнозинство додека опозицијата тропаше, свиреше со вувузели, се закануваше и организира насилни протести.

Како одговорни пратеници продолжуваме со реализација на мерките и политиките што го забрзуваат евроинтегративниот процес и обезбедуваат европеизација на нашата држава, изјави Талески.