Премиерот Димитар Ковачевски, за време на посетата на компанијата „Метро“, истакна дека Владата што ја предводи многу сериозно пристапила кон ИПАРД Програмата.
-Така е затоа што веруваме во потенцијалот на земјоделците, затоа што за нас секоја педа од државата е подеднакво важна да се развива, затоа што секој граѓанин без разлика дали живее во урбана или рурална средина заслужува подеднаква можност за квалитетен живот, рече Ковачевски.
Тој додаде дека од земја која не ги искористуваше парите од европските фондови и ги враќаше назад во ЕУ, Македонија е сега земја лидер по искористувањето на средствата од ИПАРД Програмата.
-Кој било град или село да го посетите скоро секаде ќе наидете на табла дека некој проект е реализиран со помош и средства од ИПАРД. За нас е многу важно што сето тоа го гледаат нашите пријатели од меѓународната заедница, ја добиваме нивната поддршка кон градење на економски силна и профитабилна земја, конкурентна на меѓународен план. Успешната релизација на ИПАРД 2 Програмата ни донесе уште повеќе пари, Европската Комисија донесе одлука за зголемување на срествата наменети за Северна Македонија за 62% со новата ИПАРД 3 програма. Во ИПАРД 2 Програмата ЕУ за Северна Македонија издвои 60 милиони евра, за ИПАРД 3 Европската Унија на нашата земја издвои 97 милиони евра. Тоа се неповратни пари, тоа не е задолжување на нашите граѓани, тие пари на ЕУ не треба да и ги вратиме, кажа Ковачевски.
Премиерот истакна дека овие средства ќе се насочат кон примарното земјоделско производство, преработка на земјоделски производи, развој на различни деловни активности поврзани со овој сектор во рурални средини, како инвестиции за производство на прехранбени производи, инвестиции за текстил, преработка на дрво, дестилари, изградба на хотели, градинки, домови за стари лица итн.