23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Грковска: Меѓуинституционалната соработка е клучна за ефикасен правосуден систем, во постапките за спроведување финансиски истраги и за конфискација на имот

Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска оствари работен координативен состанок со претставниците на институциите надлежни за спроведување на финансиска истрага и конфискација на имот, на кој се разговараше за потребата од подобра меѓусебна координација со цел да се зголеми ефикасноста во делот на конфискација на нелегално стекнат имот.

На состанокот присуствуваа претставници од Врховен суд, Советот на Јавни обвинители, Судски совет, Основниот Кривичен суд, Апелационен суд, Агенцијата за управување со одземен имот, Царинската управа, Канцеларијата за поврат на имот, Управа за финансиска полиција, Централен регистар, Министерство за внатрешни работи, Министерство за правда, Агенција за катастар на недвижности, Управа за финансиско разузнавање, Академија за судии и јавни обвинители, како и од Државното правобранителство.

Вицепремиерката Грковска нагласи дека секоја одлука на правосудниот систем, но и на останатите институции надлежни за справување со корупција е под лупа на јавноста и меѓународната заедница.

Затоа, додаде таа, сите носители на одлуки имаат одговорност и мора да работат на зајакнување на ефикасноста на надлежните институции.

„Не смее да се случува поради недоволна координираност меѓу институциите и неажурност, бавно да одат постапките. За да ја вратиме довербата на граѓаните во правосудниот систем, не смееме да дозволиме изигрување на законите, не смее да има предмети „заглавени во фиока“, а при тоа да се нема одговорност за тоа и соодветна санкција”, потенцираше вицепремиерката Грковска.

Присутните беа согласни дека сите институции во делот на својата надлежност мора да понесат одговорност доколку има непостапување или ненавремено постапување.

Истовремено беше нагласено дека мора да се работи на унапредување на транспарентноста на институциите и во правосудниот систем.

„Наша заедничка цел е да имаме силни и транспаретни институции преку унапредување на меѓусебната координација и соработка, јакнење на капацитетите, на професионалноста, на интегритетот, на одговорноста. Тоа се приоритетите на кои секој мора да работи. Само на тој начин, со професионална и одговорна работа, ќе ја зајакнеме довербата на граѓаните во правосудниот систем”, посочи вицепремиерката Грковска.

На состанокот беа дефинирани следните и конкретни активности, како и динамиката на нивната реализација со што ќе се овозможи подобра координација на институциите.