3.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Денес, „Македонија е во светот, а светот во Македонија“ – отворена Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ, во чест на Ацо Шопов

Денес, „Македонија е во светот, а светот во Македонија“. Развојот на странската македонистика веќе се одвива по цврсто утврдена патека на која има јасни патокази за развојот и во времето што следи. Стиховите на великанот Ацо Шопов добиваат и нови значења и толкувања преку посветеноста на македонскиот јазик, литература и култура од страна на странските македонисти.

Ова се дел од пораките со кои свечено беше отворена Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), на која учествуваат над 40 странски македонисти од 17 држави. Со Школата на МСМЈЛК при УКИМ започна чествувањето на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на великанот на современата македонска литература и култура, Ацо Шопов и остварувањето на националната програма во негова чест.

На свеченото отворање на Школата се обратија претседателот на државата, Стево Пендаровски, под чиешто покровителство се остварува националната програма „2023, Година во чест на Ацо Шопов“, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), проф. д-р Никола Јанкуловски и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Посочувајќи на насловот на една од поетските книги на Ацо Шопов, „Ветрот носи убаво време“, во своето поздравно видео-обраќање, претседателот Пендаровски им се обрати и на учесниците на Школата.

– Дозволете ми да ви посакам Школата да ви донесе само убаво време, убави моменти со плодни дискусии од кои ќе произлезат нови иницијативи за соработка, истражување и развој. Ви честитам на желбата и изборот да бидете дел од Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ, истакна Пендаровски во завршницата на своето обраќање.

Во видео-обраќањето, претседателот и истакна дека Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ има особено место во чествувањето на големиот јбилеј – 100 години од раѓањето на Шопов.

– Шопов како една од централните личности на македонскиот XX век ги постави темелите на мостовите меѓу македонската и поголем број странски култури. Ние како негови потомци имаме обврска тие мостови да ги одржуваме и да ги зајакнуваме. Ама и да градиме нови! Во нашава современост, чинам нема друг субјект кој на академско ниво, дотолку се залага и придонесува за одржување и јакнење на постојните мостови и градење нови токму преку јазикот, речта и културните вредности, колку Меѓународниот семинар кој е организатор на оваа Школа, што несомнено се потврдува преку резултатите од соработката и влогот со странските македонисти и слависти – и во странските културни средини и кај нас. Оттука, и со оваа Школа, меѓу другото, на академско ниво се остварува дел од она за што Шопов и неговата генерација културни дејци се залагале на средината на минатиот век, истакна ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, осврнувајќи се на значајноста што остварувањето на националната програма во чест на 100-годишнината од раѓањето на Шопов започнува со Школата на МСМЈЛК при УКИМ, која веќе е традиционална.

Тој посочи и на бројноста на државите од кои има учесници на Третата зимска школа, вклучително и држави од кои претходно, повеќе години немало пријавено учество. Во завршницата на своето обраќање, Јанкуловски им се заблагодари на странските македонисти за нивниот интерес и посветеност за изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура, потсетувајќи дека тие се најголеми културни амбасадори на нашата држава.

– УКИМ, во рамките на своите надлежностим секогаш ќе стои зад вас и зад вашата решеност да ја афирмирате и развивате странската македонистика, им порача ректорот Јанкуловски на странските македонисти кои се учесници на Школата.

Своето обраќање, директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, во целост им го посвети на странските македонисти, поврзувајќи ја нивната посветеност на македонистиката и со поезијата на Ацо Шопов.

– „Македонија е судбина на светот, светот е судбина на Македонија“ – овој стих на великанот Шопов се чини ја одразува смислата на оваа, Трета зимска школа. Затоа што во сето време досега, токму странските македонисти и слависти се оние кои овозможија во една убава смисла да се остварува идејата дека „светот е судбина на Македонија“ – преку нивните беспоштедни заложби македонскиот збор да се чуе и разбере во странските културни средини. Ама во исто време, преку нивната решеност да се посветат на македонистиката и таа за нив да е животна определба, и нашата татковина постана судбина на светот, затоа што заложбите на странските македонисти и слависти се остваруваат не само во рамките на универзитетските центри и на меѓународната научна сцена, туку и воопшто преку афирмација на македонскиот збор и македонската мисла ширум светот, нагласи Мојсова-Чепишевска.

Обраќајќи им се на странските македонисти и реферирајќи на стихови на Шопов, таа искажа и посакување преку наставата на оваа Зимска школа, тие уште повеќе да ги засакаат нашата земја и македонскиот јазик, литература и култура, како и дека ќе имаат уште поголем поттик и решеност да продолжат секојдневно да се посветени на македонистиката.

– Ако денес, од некои други простори, Ацо Шопов може да нè види и чуе, се надевам дека ќе се залечат дел од неговите рани кои оставија лузни во неговата поезија, затоа што денес, со оваа Зимска школа, инакво, а суштинско значење добива неговиот стих: „Македонија е во светот, а светот во Македонија“. Затоа што денес, во негова чест, „по долгите патишта на светот се отсликува ликот на Македонија, / а ликот на светот во Македонија“, порача меѓу другото, Мојсова-Чепишевска.

Веднаш по отворањето, Школата, која се одржува виртуелно, на далечина, започна со интензивна работа, со учесници од: Кина, Виетнам, Соединетите Американски Држави, Австралија, Турција, Полска, Словенија, Чешката Република, Унгарија, Грција, Бугарија, Романија, Молдавија, Руската Федерација, Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина. Планирано е да трае до 28 јануари, со вкупен фонд од по 30 часа за секоја од групите.

МСМЈЛК при УКИМ најави дека по Третата зимска школа, планира и други активности посветени на Шопов во текот на оваа година, од кои дел веќе се опфатени во националната програма „2023, година во чест на Ацо Шопов“.

Инаку, Зимската школа на МСМЈЛК при УКИМ за првпат се одржа во 2021 година, како прва активност во рамките на програмата за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески и значајно дополнување на редовните активности на МСМЈЛК при УКИМ, а мината година веќе се потврди дека таа ќе прарасне во традиција, во рамките на остварувањето на мисијата за афирмација и развивање на македонистиката на странските универзитетски центри и воопшто во странските културни средини, по што годинава, со неа започнува чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов.

Спонзорирано: