Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МакедонијаВо тренд...

Претепаниот секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид е пренесен на лекување во Софија

Христијан Пендиков – претепаниот секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, е пренесен во Бугарија со владиниот авион „Фалкон“, јавуваат бугарските медиуми. Двајца лекари и една медицинска сестра од Воената медицинска академија во Бугарија го придружувале повредениот. Неговата состојба според тамошните медиуми е сериозна и му претстои операција.

Медиумите известуваат дека нападот врз 21-годишниот Христијан Пендиков синоќа го извршиле три лица.

Според европратеникот Андреј Ковачев, тој бил претепан и нападнат затоа што е Бугарин. МНР и претседателот Румен Радев го осудија чинот на насилство и потсетија дека наведените амбиции на Република Северна Македонија за членство во Европската Унија се во спротивност со реалноста, стои во написите.

„Властите во Македонија треба да преземат многу решителни мерки за да се надмине оваа атмосфера на омраза, дискриминација и закани кон секој кој отворено го декларира својот бугарски идентитет и своето бугарско потекло“, рече Ковачев.

„Претседателот Румен Радев уште еднаш ќе го предочи на шефовите на држави и влади во Европската Унија, како и на европските институции и на Советот на Европа, прашањето за почитување на правата на Бугарите во Северна Македонија“, е наведено во соопштението од кабинетот на бугарскиот претседател, пренесуваат медиумите во Бугарија.