9.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСТОП ВЕСТИ

Македонецот е лидер во регионот за потрошувачка на цигари по најниска цена

Македонија е меѓу првите 10 земји во светот врз основа на преваленција на пушење и вкупниот број испушени цигари дневно од пушач.

Податоците од Аналитиката покажуваат дека преваленцијата на пушење во земјата изнесува 48,4 %. За споредба во европските земји, преваленцијата на пушење е далеку пониска – ЕУ-просекот е 29 %. Во Шведска таа изнесува 8,7 %, во Грција и Бугарија 27 %.

Аналитика тинк-тенк заедно со Универзитетот „Илиноис“ од Чикаго во 2020 година спроведе големо регионално истражување за употребата на тутунот во земјата и регионот. Ова е една од првите студии во Македонија што дава сеопфатни информации за употребата на тутунот, односно цигарите.

„Анализите покажуваат дека речиси половина од возрасните луѓе во Република Северна Македонија (48,4 проценти) во моментот користат тутун. Преваленцијата на пушење е 57,9 проценти кај мажите и 39,0 проценти кај жените. Преваленцијата на пушење се зголемува со возраста на пушачи достигнувајќи го својот врв на 45-54 години (60,1 проценти за пушачи на дневна основа)“, објаснува Тамара Мијовиќ-Спасова од Аналитика. Таа додаде дека нашата држава е лидер во регионот по потрошувачка на цигари по најниска цена и многу малку се прави за надминување на проблемот со пушењето, без разлика дали станува збор за законски решенија, покачување на акцизите или за кампањи за подигнување на јавната свест.

Податоците покажуваат дека просечната цена на кутија цигари во Македонија е 1,7 евро, во регионот на ЈИЕ е околу 2,1 евра, а европското ниво е 4,9 евра, што го потврдува фактот дека сме држава со најниски цени на цигари во регионот.

Даночењето на тутунот е една од најефикасните алатки за намалување на потрошувачката на тутун (зголемената акциза резултира во намалување на консумирањето тутун во сите земји од ЈИЕ) и ќе резултира во силно зголемување на јавните приходи во буџетот.

Бојана Христовска од Аналитика објаснува дека само 11,9 % од пушачите се изјасниле дека пушењето е забрането во нивниот дом (не пушат дома), а кај 42,9 % од непушачите не се пуши во домот. Најголем степен на изложеност на пасивно пушење има во баровите, ноќните клубови (73,6 %) и во рестораните (44,2 %). Речиси сите пушачи (97 %) потврдуваат дека барем еднаш им било потенцирано оти пушењето цигари им пречи на другите луѓе. Според возраста, младите се најмногу изложени на чад од тутун во баровите или ноќните клубови (83,8 проценти). Воедно, оваа возрасна група (од 18 до 24 години) е релативно повеќе од другите возрасни групи изложени на чад во владини институции (20,2 проценти) и во универзитетите и во училиштата (13,4 проценти).

Таа додава дека вкупно 58,1 % од возрасните во РС Македонија сметаат дека пушењето ќе се намали ако продажбата на тутунски производи и пушењето се забранат со закон, а 55,7 % од возрасните сметаат дека со покачување на цената на цигарите ќе се намали пушењето.

Од Аналитика препорачуваат подигање на свеста за штетните ефекти врз здравјето од користење тутун и воведување сеопфатни програми за контрола на тутунот со цел да се намали пушењето и кај младите и кај возрасните преку организирање јавни кампањи во медиумите, како и во училиштата, болниците и на работните места. Покрај тоа, штетните ефекти на тутунот треба да се воведат како тема во наставната образовна програма почнувајќи од основните, а особено во средните училишта. Развивање ефикасни услуги за откажување од пушење и да се направат достапни и овозможени за сите пушачи. Услугите за откажување во форма на консултации со медицински професионалци на телефон или лично треба да бидат широко достапни во училиштата, колеџите, ординациите на општите лекари и во болниците. Да се врати примената за Законот за заштита од пушењето во 2010 година бидејќи, кога беше воведена забрана за пушење во сите јавни затворени простории, значително негативно влијаело врз потрошувачката на цигари, односно таа се намалила при сите други фактори непроменети. Ова го потврдува фактот дека политиките за контрола на тутунот се важни детерминанти на потрошувачката на тутунски производи.

Регионалното истражување е во рамките на проектот „Унапредување на даночните политики за тутун во земјите со низок и среден доход“, финансиски поддржан од Универзитетот „Илиноис“ во Чикаго (UIC) – Институт за истражување и здравствена политика.

Спонзорирано: