Континуитетот на реформите во МВР го обезбедија неколку законски измени и дополнувања, и тоа пред сѐ на Законот за внатрешни работи и на Законот за полиција, со кои се создава силна брана против потенцијалните тенденции на ставање на безбедноста во функција на евентуална злоупотреба или незаконито работење.
Имено, МВР пристапи кон изменување и дополнување на овие два закона со цел постапување по препораките кои произлегуваат од Извештајот на ГРЕКО за евалуација на Република Северна Македонија – Петти круг на тема „Спречување на корупцијата и промовирање на интегритет кај централната власт (највисоките извршни функции) и органите за спроведување на законот. Целта на донесените измени и дополнувања на Законот за внатрешни работи е зајакнување на можностите на земјата за борба против корупцијата, особено во однос на транспарентноста, интегритетот и одговорноста на вработените МВР. Со измените, најпрво се овозможува обезбедување оперативна независност на полицијата, така што предвидено наредбите од областа на оперативното работење да ги издава директорот на БЈБ.
Во насока на зајакнување на интегритетот на вработените во Министерството, со измените и дополнувањата на Законот за внатрешни работи се изврши воведување на Тест за интегритет за лица кои се вработуваат во МВР, како и континуирана проверка на интегритетот на вработените, која ќе ја врши Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди. Потоа, се обезбедува извршување на работните задачи од страна на вработените на политички неутрален начин, при што за вработените е определена забрана за членување во политичка партија, покрај другите утврдени забрани за основање, раководење, застапување и претставување политичка партија или членување во органи и тела на политичка партија, чие непочитување претставува еден од потешките случаи на кршење на работниот ред и дисциплина. Покрај ова, предвидена е и обврска за поднесување на Изјава за имотна состојба и интереси за вработените во МВР, во контекст на членот 83 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите, во насока на зајакнување на заложбите во борбата против корупцијата.
Дел од предложените измени и дополнувања се и одредбите со кои се врши ревидирање на начинот на спроведување на постапката за утврдување на дисциплинска одговорност во Министерството, при што се предвидува дисциплинските постапки да се водат во посебна организациска единица во Министерството, надлежна за спроведување постапка за утврдување на дисциплинска одговорност на работниците.
Од друга страна, со измените и дополнувањата на Законот за полиција, се овозможува воспоставување објективни и професионални критериуми за назначување на директорот на Биро за јавна безбедност, а меѓу посебните услови кои се предвидени за оваа позиција се да не е член на политичка партија или член на нејзини органи и тела; да помине безбедносна проверка, да не постои безбедносен ризик за негово именување; да не е утврдено постоење на судир на интереси, согласно со закон и да има положено Тест за интегритет.
Во 2022 година направена е измена и на шест закони во надлежност на МВР, со што е извршено усогласување со Законот за електронско управување и електронски услуги и Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, со кои пак, се изврши хармонизација со Поглавје 10 на Европската Унија, како основа за почеток на дигитализација во нашата држава. Станува збор за усвоени измени и дополнувања на Законот за личната карта, Законот за матичен број, Законот за државјанството на Република Северна Македонија, Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните, Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија и Законот за личното име. Дополнителни измени и дополнувања на четири закони беа направени во насока на усогласување на прекршочните одредби со Законот за прекршоците.
Да зборуваме за реформи на стратешко ниво, а да не ги споменеме активностите на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, е речиси невозможно. Како организациска единица надлежна за испитување на случаи на незаконито, непрофесионално и неетичко постапување на вработените во МВР, овој Оддел спроведува постапки врз основа на примени претставки од граѓани, невладини организации, анонимни достави, правни лица и сл. Притоа врши проверки, ги испитува наводите во претставката и доколку се констатира одговорност кај вработениот, случајот се документира и процесира. Во текот на 2022 година, извршени се проверки во 1230 пријавени случаи, во 74 организациски единици, по 24 барања од Народен правобранител, при што се изготвени службени материјали, поднесени се 14 кривични пријави против 25 лица и 420 иницијативи за поведување на дисциплинска постапка. Овој Оддел има донесено ,,Програма за јакнење на етичките капацитети кај вработените во Министерството“, како и Антикорупциската програма на МВР, редовно се остварува соработка со Државната комисија за спречување на корупција, како и со Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили DCAF, во соработка со кој интензивно се работи на изработка на План за интегритет кој ќе претставува одлична алатка за препознавање на ризиците на работните места во МВР, со предлог мерки за нивно намалување и целосно исчезнување.
Во годината која што изминува МВР продолжи со реформите и на оперативно рамниште, со цел генерално подобрување на материјално-техничките услови за работа на полициските службеници, но и во насока на создавање на енергетско ефикасни објекти и заштита на животната средина, биодиверзитетот на природата и подигнување на еколошката свест.
Со досегашното успешно реновирање и санација на објектите на МВР, покрај тоа што се подобруваат условите за работа на вработените, и целокупно се менува ликот на институцијата за јавноста со нови и лесно достапни објекти. Притоа се води грижа како за решавање на долгогодишните проблеми со цел подобрување на нестандардните услови за работа, така и за модернизација на објектите. Активностите, генерално, вклучуваат промена на водоводна и канализациона мрежа, санација и реновирање на тоалетите, промена на стари и дотраени подови, замена на стари прозорци со нови ПВЦ прозорци, промена на дел од внатрешната столарија, замена на покрив и конструкција, изведба на термо-изолациона фасада и слично.
Во тековната 2022 година се изврши реновирање и санација на 7 објекти и тоа на: Одделот за заштита на определени личности и објекти, ОВР Радовиш, ЕВР Карпош, ОВР Берово, ОВР Делчево, ОВР Свети Николе, ЕВР Гази Баба, за чија што реализација од Буџетот на МВР беа инвестирани 160.670.000 денари. Во делот на енергетската ефикасност, покрај веќе споменатите мерки, на 15 објекти низ целата држава беа поставени соларни панели и беа монтирани повеќе од 1.500 високо ефикасни инвертер клима уреди, со што беa исфрлени дрвото и мазутот како енергенси, што придонесоа до околу 30% заштеди во електрична енергија, а во парични средства за струја и за гориво за греење, станува збор за милионски заштеди од Буџетот на МВР. Со средства од буџетот на министерството, годинава практично целосно е заокружено материјалното обезбедување на униформираните полициски службеници. Набавени се 8.500 пара високи специјални чизми и 10.000 парчиња ремени со кои се заврши циклусот на опремување на полицијата, за кој беа инвестирани повеќе од 10.000.000 евра.
Воедно, беше променет голем дел од компјутерската инфраструктура стара повеќе од две децении, со набавка на 1.500 компјутери, а започна и процесот на модернизација на печатницата на МВР, преку замена на машините стари и по 3 – 4 децении, со нови дигитални машини, при што крајна цел е заокружена целина на модерна дигитална печатница. Во текот на 2022 година се направи промена на застарениот видео надзор, а на дел од локациите за првпат се постави видео надзор по највисоки стандарди, со цел заштита и поголема транспарентност на полицијата како една од целите на МВР спрема граѓаните, но и како дел од процесот за надградба на целиот систем за видео надзор со кој располага МВР во државата.
За најсовремената Форензичка лабораторија на Балканот, во која за многу скоро време Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења ќе отпочне со работа, продолжи доопремувањето со современа лабораториска опрема, а веќе во напредна фаза е имплементацијата на најсовремениот систем за автоматска идентификација на отпечатоци, со кој се заменува системот стар речиси две децении. Периодов, пак, го очекуваме враќањето и на последниот хеликоптер од флотата на Хеликоптерската единица за полициски намени, со кој се заокружува модернизацијата на оваа единица.
Во 2022 година со обезбеденото зголемување на платата за 5 % од 01.09.2022, за плати и надоместоци се исплатени 7,96 милијарди денари, што претставува намалување за 132 милиона денари за разлика од 2021 година, поради одлив на вработени по основ пензионирање, а во насока на поголема мотивираност на полициските службеници во тековната година исплатени се бонус плати за 5.922 вработени, за оствaрени над 150 часа прекувремена работа во текот на 2021 година во вкупен износ од 180 милиони денари, во поединечен нето износ по вработен од 28.718 денари. Имајќи ги предвид сите овие инвестиции направени од сопствениот Буџет, МВР заклучно со 5 декември може да се пофали со реализација 98,35% на основниот буџет за 2022 година.
Изминатава година многу се работеше и на полето на дигитализацијата, со што се олеснија процесите на работа со високо технолошка и техничка опременост за брзо и ефективно полициско работење, согласно модерните трендови и стандарди на работење на европските полиции. Преку платформата за Интероперабилност, МВР активно разменува податоци со останатите државни институции приклучени на неа и постојано се стреми да го зголеми бројот на веб сервиси, со цел дигитализирање и размена на податоците кои ги поседува со останатите институции. Во моментов на платформата МВР ги нуди следните веб сервиси кои се од сопствен развој: Евиденција на промени на Матичен Број на лица, Податоци од каталогот на оружје, Податоци за оружје, Податоци за државјанство, Податоци од лични документи, Податоци за моторни возила, Функционалност за закажување на термин за сликање за лични документи – како веб сервиси наменети за граѓаните, како и Веб сервис за дополнување на нови лични податоци, кои ги користат надлежните институции.
За МВР, покрај техничкото опремување и унапредување на законската регулатива во насока на дигиталната трансформација на процесите, од врвна важност во градењето на дигитална инфраструктура е и капиталниот проект ИКТ податочен центар, изграден во Прилеп по сите безбедносни стандарди. Како што веќе знаете, Центарот е back-up (резервна база) за клучните, витални информациски системи во земјава и ќе гарантира дека тие ќе функционираат доколку од какви било причини е загрозена работата на примарниот информатички систем, а исто така ќе ги зачува податоците во случај на природни или катастрофи предизвикани од страна на човечки фактор.
Треба да се спомене Business Continuity Disaster Recovery (BCDR) проектот, со чие реализирање се овозможи континуирана работа на системите во случај на катастрофа, а во текот на оваа година дел од апликациите кои беа изработени во стари технологии се преправени, а податоците кои се чуваа во стари технологии се целосно префрлени во релациони бази на податоци. Во сегментот на дигитализација би го споменале и Модулот за Евиденција на Инциденти, Документи, Активности – МЕИДА), што практично значи воспоставување на Интегриран полициски систем во кој ќе се евидентираат инциденти, документи и активности на полицијата поврзани со оружје, како и Системот за Регистрирање и Управување со Оружје, со кој се опфатени физички и правни лица. Како што веќе знаете од 2020 во функција е софтверското решение за електронска евиденција на записник од сообраќајна незгода (СНЕЗ). Во текот на оваа година како втора фаза од овој проект, софтверското решение е дополнето со значајни функционалности, креирани се статистички прегледи и официјални статистики на министерството за сообраќајни незгоди, како и голем број на извештаи за потребите на ОКРА. Со сопствен развој реализирано е и софтверско решение со кое се дигитализира процесот на водење на прекршочните постапки во Одделот за прекршоци, кој годинава отвори нови 74.645 прекршочни предмети, а реши 85.942 предмети.
Вредно за споменување е и софтверското решение за пребарување низ распишани потраги за лице, возила и оружје на национално ниво, како и за преземање на Царинска декларација, поврзана со регистрација на возила, со што се направи дигитализација на процесот на регистрирање на возила кои се увезуваат од странство – во интерес на граѓаните. Креирано е и софтверско решение за инсталација на три нови ТЕТРА апликации во мрежата на МВР, неопходно за полицијата на терен, а направена е интеграција на системот Е112 со системите на МВР. Тука е и системот за мобилни камери, кој покрај камерите кои се носат на телото на полициските службеници и ги снимаат нивните активности, содржи и сервери за зачувување на снимките, со цел поголема транспарентност на полициското работење, во чии рамки се инсталирани вкупно 624 камери во 41 полициска станица во СВР/ОВР и гранични премини.
Интересни се и податоците за работењето на Одделот за управни работи на МВР, имајќи ја предвид фреквенцијата на граѓани кои во него ги остваруваат своите граѓански права и должности, чија реконструкција е предвидена за следната година, заедно со промена на концептот на функционирање за да биде полесно пристапен за сите граѓани. За илустрација, годинава низ оваа служба поминале над 913.000 граѓани само за издавање на лични, патни документи и возачки дозволи. Заклучно со 30.11.2022 издадени се 342.980 лични карти, односно 22.000 повеќе од лани; годинава се издадени и 207.000 возачки дозволи што е 57.000 повеќе од 2021 година, како и 363.099 патни исправи, или над 16.000 повеќе одошто лани. Притоа, преку заедничкиот проект на МВР и МНР за поднесување барања за издавање на патни исправи преку базните станици во дипломатско-конзуларните претставништва, вкупно се издадени 17.650 патни исправи на наши граѓани во странство. Овој проект овозможи сериозно кратење на времетраењето на процедурите, намалување на гужвите по управните служби, но и трошоците за граѓаните.
Во Центарот за обука Идризово, каде веќе се започнати подготовките за градежни работи, при што целосно ќе се реновираат добар дел од сместувачките капацитети, ресторантскиот дел и училишната зграда. Во овој важен сегмент од МВР, надлежен за спроведување на обуки за работниците во организациските единици за потребите на МВР и БЈБ се спроведуваат обуки за приправници во МВР, основна обука за полицаец, континуирани и меѓународни обуки. Така, само основната обука за полицаец, која започна кон средината на 2021 година, годинава ја завршија 590 кандидати, а годинава во Центарот за обука беа реализирани обуките за обучувачи, за оценувачи, за ментори, за употреба на средство за присилно запирање-Стингер, за комуникација со заедниците, за ракување со оружје и гаѓање, за теренски оценувачи, за справување со пожари и за откривање на украдени и фалсификувани моторни возила, како и обуката за напредни техники за спречување на трговија со дрога, кои успешно ги завршија вкупно 627 припадници на МВР и други сродни државни институции. Во овој Центар за обука – акредитиран од Меѓународната асоцијација на директори за стандарди и обука за спроведување на законот – ИАДЛЕСТ со поддршка на ИЦИТАП програмата при Амбасадата на САД во Скопје, во текот на 2022 се реализираа активности од бројни проекти, чија цел е развивање на полициската култура, развивање на професионалните стандарди кај полициските службеници и реагирање на потребите на граѓаните.
МВР придава голема важност и на меѓународната соработка, затоа што таа е клучна за добри односи со другите држави, а особено важна за нашата држава затоа што како приоритетен интерес го имаме приклучувањето во европските структури и другите регионални асоцијации, но и за развој на сите видови соработка, а пред сè, од областа на внатрешните работи. Од поголемите настани бевме домаќини на Регионалната конференција на директори на полициски служби на тема „Борба против организиран криминал: предизвици и поддршка“, во коорганизација помеѓу нашето и италијанското МВР и проектот „Сузбивање организиран криминал во Западен Балкан – ИПА 2019“. Покрај директорите на полициски служби од Западен Балкан, на конференцијата учествуваа и директорите на полициски служби од Бугарија, Косово, Грција и Италија, Извршниот директор на Европол и Извршниот директор за полициски служби на Интерпол. Кај нас се одржа и настанот Пријателите на МАРРИ – Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци, како и 17-та регионална средба на Мрежата на експерти за огнено оружје во ЈИЕ.
Во заедничка организација на МВР и Мисијата на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) во Скопје, а во рамки на Чешкото претседавање со Советот на ЕУ, во ноември се одржа Министерска конференција насловена како „Одржливо управување со миграциите во Западен Балкан“, на која учествуваа и министрите за внатрешни работи и за сигурност на Црна Гора и Босна и Херцеговина, со кои министерот Спасовски имаше и официјални билатерални средби. Во рамки на билатералната соработка, министерот Спасовски беше домаќин и на министерот за внатрешни работи на Република Словенија, Алеш Хојс, на албанскиот колега, Бледар Чучи. За одбележување е и потпишувањето на договорот ФРОНТЕКС на 26 октомври во Скопје, помеѓу министерот Спасовски и еврокомесарката Јохансон, кој е првиот официјален Договор потпишан помеѓу нашата држава и ЕУ по започнувањето на преговорите, а овој месец со еврокомесарката Јохансон, министерот Спасовски го потпиша и вториот документ оваа година со Европската Комисија – ревидиран аранжман за спроведување на Заедничкиот план за акција за борба против тероризмот во Западен Балкан.
Што се однесува до претставувањето на МВР кон светот, МВР учествуваше во сите важни регионални, европски и меѓународни процеси, остваривме бројни средби и соработки со меѓународните агенции и организации, па во мај министерот Спасовски учествуваше на министерски состанок во рамки на Процесот за соработка на ЈИЕ – Претседателство во Атина 2021-2022, а малку подоцна во Италија оствари и билатерална средба со министерката за внатрешни работи на Италијанската Република, Ламорџезе. Во мај во Лион, Франција на 49. Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ учествуваше делегација предводена од Директорот на БЈБ, Тасевски, а во јули во Софија, Република Бугарија заедничка вежба одржаа специјалните единици на двете земји, на која и претходеа заеднички вежбовни активности. Воедно, министерот Спасовски и директорот на БЈБ Тасевски учествуваа на билатерална средба со министерот за внатрешни работи Бојко Рашков. Возвратна заедничка вежба во земјава, на која учествуваа претставници од двете специјални единици на полиција се одржа во Охрид во ноември, на која учествуваше заменикот министер на Република Бугарија.
Есента за министерот Спасовски помина во знакот на засилена меѓународна агенда од средината на септември, која започна со работна посета на романското МВР и Центарот за соработка во областа на спроведување на законот на Југоисточна Европа – СЕЛЕК во Букурешт. Следеше посета во Генералниот секретаријат на ИНТЕРПОЛ во Лион, Франција, со средби со Генералниот секретар Јурген Сток, Извршниот директор Стефан Кавана и одговорниот на Интерпол за Европа, Франц Шерман. Потоа, при посетата на Агенцијата на Европската Унија за соработка при спроведување на законот (ЕВРОПОЛ) во Хаг, Кралство Холандија, Спасовски имаше средба со Извршниот директор Катрин Де Бол, и ова беше прва посета на наш министер за внатрешни работи на седиштето на ЕВРОПОЛ во Хаг.
Министерот Спасовски учествуваше и на 73. Сесија на Извршниот Комитет на Програмата на Високиот комесар за бегалци на ОН во Женева, Швајцарска Конфедерација, при што оствари средби со Високиот комесар за бегалци Филипо Гранди, како и со Генералниот директор на Меѓународната организација за миграција, Антонио Виторино. Би го споменале и учеството на Министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи во Тирана, Република Албанија, како и работната посета на Швајцарската Конфедерација, каде беше остварена средба со Федералниот советник од Одделот за правда и полиција, Карин Келер-Сутер. Министерот Спасовски учествуваше и на две конференции, во рамки на Берлинскиот и Прашкиот процес, исклучително важни за поврзување на регионот во насока на евроинтеграција на регионот.
Според статистиката на МВР за соработката со медиумите и јавноста во текот на 2022: На веб-страната на МВР обработени се и пласирани повеќе од 3.500 информации кои, истовремено, се дистрибуирани до сите медиумски сервиси. Дополнително секој ден, вклучувајќи ги и викендите, се објавува дневен билтен со извадок на дел од дневните настани. На Јутјуб каналот на МВР, кој во 2022 година го следат преку 885 активни следачи, објавени се 551 видео од активностите на МВР и БЈБ, кои имале околу 417.000 прегледи. На официјалниот Фејсбук-профил на МВР, што го следат 69.000 корисници, секојдневно се објавуваа соопштенија, билтени, фотографии и видеа од најразлични настани и активности на МВР. Постапено е по 2.456 писмени барања од новинари и медиуми и над 3.000 електронски барања од граѓани и институции, а прикачени се повеќе од 2.500 јавни објави за доставување. И од локалните канцеларии претставувани од портпаролите за односи со јавноста секојдневно се испраќаат соопштенија и известувања. Годинава до МВР се поднесени околу 160 барања за слободен пристап до информации од јавен карактер по кои соодветно е постапено.
. Ова се дел од причините зошто активната транспарентност на МВР од просечни 59.5% во 2016, во 2022 изнесува високи 91.7% – скок за 32.2%, поминувајќи три нивоа, од крајно затворена институција до многу добра активна транспарентност. И според резултатите на организациите кои се занимаваат со демократските права, слобода на медиумите и транспарентност на институциите, МВР е една од најтранспарентните институции во земјата и регионот, односно Индексот на отвореност за МВР говори за 76.10% исполнетост на индикаторите за отвореност. Сето ова, но и секојдневниот однос и соработка со вас нѐ мотивираат да продолжуваме со создавање отворена, отчетна и транспарентна институција пред граѓаните, преку активна соработка со медиумите – вистински одраз на внатрешната политика на Министерството во насока на градење на довербата помеѓу граѓаните и полицијата.
Веќе е јасно зошто последното рангирање на Глобалниот индекс на мир, според кој Република Северна Македонија е најбезбедна од земјите на Западен Балкан, во друштвото на 36 најбезбедни држави во светот, со скок од 67 места од 2017 година и четири позиции повисоко рангирана од лани. Ефикасноста во сите области на безбедноста од година во година бележи напредок, што беше потврден и во годинешниот Извештај за напредок на ЕК, особено во имплементацијата на Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот, во борбата против трговијата со дрога, во донесувањето стратешки документи од областа на граничното управување и миграцијата, напредок и во унапредувањето на капацитетот за финансиски истраги, како и во меѓународната полициска соработка. Впрочем, МВР е и во првите три владини институции во кои граѓаните имаат најмногу доверба, а министерот за внатрешни работи Спасовски, најуспешен министер во Владата, според последната анкета на Меѓународниот републикански институт објавена неодамна.