9.8 C
Скопје
23. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
danela arsovska
+ЛОКАЛНОТОП ВЕСТИ

Маските паднаа, коалицијата Мицкоски- Арсовска функционира, ВМРО ДПМНЕ понегна од избори во Град Скопје

Јавната кавга на релација Арсовска-Мицкоски не влијаеше на поддршката за буџетот на градоначалничката од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје. За буџетот за наредната година Арсовска покрај гласовите на ВМРО-ДПМНЕ, доби зелено светло и од Левица.

Буџетот тежок 114 милиони евра вчеравечер беше изгласан со 28 гласови „за“. Советниците на СДСМ не дадоа пас за финансиската конструкција на Данела Арсовска, гласајќи воздржано.

Поддршката што ВМРО-ДПМНЕ вчеравечер при усвојувањето на буџетот ја даде за Данела Арсовска отвори низа нејаснотии во контекст на јавно искажаните меѓусебни обвинувања. Откако Данела Арсовска кажа дека Христијан Мицкоски е фатен со „рачињата во медот“, алудирајќи на полемиките околу тендерот за пречистителна станица, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски истакна дека со Арсовска патиштата им се разделиле. Воедно, Арсовска кажа дека добила и закани од страна на Мицкоски со зборовите „кога ќе станам премиер, ќе го чистиме подот со тебе“. Дури, градоначалничката Данела Арсовска сметаше и дека треба да има избори за Совет на Град Скопје. Таа неодамна во дебатна емисија изјави дека потребни се локални избори на ниво на Скопје, доколку не се изгласа градскиот буџет до март.

„Доколку советниците одлучат дека не треба да поддржат функционален буџет за граѓани, за реализација на проектите и за модерно Скопје, тогаш, по автоматизам, нивниот мандат престанува и ќе си одат на локални избори и ќе си дојдат советници кои ќе работат во интерес на граѓаните. Меѓутоа, мој личен впечаток е дека таму има искусни луѓе, и во политиката и како советници, и никој не би понел таква политичка штета по нив“, рече Арсовска во емисијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак околу евентуални нови избори за советници одговорија дека прво би ја почекале оставката на Арсовска. Од партијата истакнаа дека немаат ништо против самораспуштање, меѓутоа сметаат дека проблемот не е во Советот, туку во градоначалничката.

Сепак, засега ниту Арсовска даде оставка, ниту се отиде на предвремени избори за советници, а мнозинството во Советот, предводено од ВМРО-ДПМНЕ продолжува да и дава поддршка на Арсовска, што се докажа со вчерашното гласање.

Денеска пак, од СДСМ посочија дека вчера маските паднале и се потврдила коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со Данела Арсовска и Левица во Советот на Град Скопје.

-Се потврди она што го говориме, се потврди вистината. Коалицијата на мнозинството во Советот е коалиција на шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски, Данела Арсовска и Димитар Апасиев. Вистинските кавги им се очигледно само за тендери и раце во медот. Обидите да се дистанцираат од Арсовска, да го вмешаат СДСМ беа само обид да побегнат од одговорноста за катастрофата што му ја направија на главниот град и тоа за само една година. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ во Скопје не работат ништо, изјави претседателот на градската организација на СДСМ во Скопје, Васко Кичевски.

Според СДСМ усвојувањето на, како што велат, нефункционалниот буџет на Град Скопје за 2023 година на вчерашната седница од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица е чист доказ дека изминатите неколку месеци сме биле жртви на исценираната театарска претстава на ВМРО-ДПМНЕ и Данела.

Инаку, основниот буџет на Градот ќе биде 72 милиони евра, дотации од централната власт ќе бидат 33 милиони евра, од самофинансирачки активности 5,7 милиони евра, а од донации 2,5 милиони евра. Од локалната самоуправа информираат дека е донесен развоен буџет со социјална компонента и со мерки за домаќинско и штедливо работење на градот.

Спонзорирано: