7.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Битиќи: Оваа година исплатени рекордни 45 милиони евра државна поддршка кон компании, за инвестиции од скоро 200 милиони евра

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска одржа прес-конференцијата за овогодинешната исплата на државна помош за инвестиции кон компаниите.

Во продолжение ви го праќаме неговото интегрално обраќање:

„Поставувањето на Планот за економски раст во 2017 година и неговата реализација и успех во овие 5 години, потврдува дека оваа Влада го знае вистинскиот пат за економски раст и развој на домашната економија. Само во оваа година се поддржани 645 компании по Планот за економски раст, односно Законот за финансиска поддршка на инвестиции и Фондот за иновации и технолошки развој, како и Законот за контрола на државна помош.

И оваа година продолжуваме со силна поддршка кон компаниите за инвестиции кои ја зголемуваат нивната конкурентност преку нови производствени процеси, воведување на нови технологии и креирање на подобро платени работни места.

Ќе започнам од портфолиото на инвестиции поддржани по Законот за финансиска поддршка на инвестиции, кое откако беше воведен Планот за економски раст во 2017, секоја година се зголемува, како со бројот на поддржани компании, така и со нивото на финансиска поддршка на инвестиции.

Поддршката, довербата и партнерскиот однос од година во година расте, што го покажува и бројот на потпишани договори со компании.

Од 2017 до оваа 2022 година, имаме потпишани 630 договори, од кои во моментов се активни 546, додека 84 се завршени договори по различни основи. Односно, од нив, 69 договори, односно компании ги завршиле инвестициските циклуси, додека 15 компании побарале спогодбено раскинување на потпишаните договори.

Во 2022 година, потпишани се нови 277 договори, убедливо најголема бројка од носењето на законот.

Ова се само неколку факти што го потврдуваат позитивниот тренд на раст на компаниите и зголемување на нивната конкурентност, но истовремено клучен фактор, зголемување на довербата на приватниот сектор во партнерскиот однос со државата.
Во овие 5 години, дел од инвестициските циклуси на компаниите се завршени, земајќи предвид дека вообичаено договорите за поддршка се склучуваат на 3 до 5 години. Сите овие договори и завршените, како и моментално активните 546 договори се водат под мојот Кабинет и тимот посветен на нив. Знаете дека од 2020 година креираме one stop shop за инвестиции, со цел олеснување на процедурите, воедначеност на пристапот, намалување на бирократијата и времето за реализација за добивање на државна помош. Сето ова го правиме токму за стопанството, знаеме дека во бизнисот времето, односно навремената и точна информација е круцијална.

Оваа година, која да не заборавиме е полна предизвици, е година на пост КОВИД период од кој влеговме директно во увезена енергетска криза. Затоа новите потпишани 277 договори оваа година не смеат да се занемарат. Тоа значи дека нашите компании се охрабрени, поддржани и подготвени дури и во криза и непредвидливост, во каква што се наоѓаме, да планираат инвестициски циклуси. За што ние секако ќе ги поддржиме, како што тоа го правиме и во претходните 5 години.

И оваа, како и претходната година, кон компаниите државната помош ќе биде исплатена 100%. Ова е трета година по ред кога компаниите кои реализирале инвестиции, финансиската поддршка ќе ја добијат во целост. Ова е важно за предвидливост при планирање на расположливи средства во криза. Од оваа година, дополнително, со цел подобрување на ликвидноста, која е исклучително важна за компаниите во криза, воведовме исплаќање на државната помош во две транши. Ова практично значи дека компанијата има можност да добие 50% од финансиската поддршка што и следува уште во првата половина од годината.

Оваа година, како што можете да видите и на екранот зад мене, имаме рекордна исплата од 23 милиони евра, како и рекорден број на поддржани компании, 410 по Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Бројот на компании како и буџетот за поддршка расте од година во година, од 2017 кога и започнавме со оваа програма. Само споредено со минатата година, оваа година имаме зголемување од 79% проценти на исплатена финансиска поддршка од 12,9 милиони на 23 милиони евра. Останатите зголемувања можете да ги видите на графиконот зад мене.

Оваа година пристигнаа 436 барања за исплати од компании од кои 410 ги исполнуваат условите и на кои им е одобрена финансиска поддршка за инвестиции според Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Овие компании во 2021 година реализирале инвестиции од 100 милиони евра и за истите им е одобрена државна помош од 23 милиони евра.
Вака партнерски ги поддржуваме компании за зголемување на нивната конкурентност, преку воведување на нови технологии, нови производствени процеси и целокупен развој и секако креирање на нови и подобро платени работни места. Овие компании во претходната 2021 година имаат отворено нови 2000 работни места, а вкупно вработуваат 27.431 вработени.

Минатата година во Законот за финансиска поддршка на инвестиции беа направени измени, кога воведовме афирмативна мерка со која компаниите добиваат дополнителен стимул за инвестирање во помалку развиените региони. Односно, поголем процент на поддршка добиваат оние компании кои имаат инвестирано во помалку развиените плански региони.
Оваа мерка веќе дава одлични резултати.

Расте бројот на компании кои инвестираат во помалку развиените региони, односно надвор од скопскиот регион. Само во 2022 година бројот на поддржани компании надвор од Скопје е зголемен за 150%, во 2021 бројот на поддржани компании кои инвестирале во помалку развиените региони бил 93 компании, а оваа година поддржуваме 232 компании.

Односно, 69% од вкупната финансиска поддршка е распределена во помалку развиените региони или 67% од поддржаните компании реализираат инвестициски проекти во помалку развиените региони.

Минатата година процентот на поддржаните компании кои инвестирале надвор од скопскиот регион е 48%. Односно, мината година скоро половина од поддржаните компании имале инвестиции надвор од Скопје, а оваа година, скоро две третини од компаниите инвестираат во помалку развиените региони.

Ова беше и целта, поттикнување на компаниите да инвестираат низ целата територија. Ова значи вработување за локалното население, кое нема да има потреба да се сели во друг град поради работа, а со зголемување на економската активност во регионот се развива и целокупната заедница.

Овде можете да го видите процентуалното распоредување на финансиската поддршка како и бројот на компании по региони.

Ова е уште еден силен доказ дека оваа Влада, како ниедна претходна е посветена за поддршка на стопанството во насока на рамномерен регионален, но и забрзан технолошки развој, внесување на иновации и дигитализирање на процесите, што придонесува за поголема продуктивност и конкурентност на компаниите на домашниот и на меѓународните пазари.

За ова потврда се зголемените инвестиции во истражување и развој на компаниите. А мерката за поддршка токму на овие компании, која е уште една од измените и спаѓа во афирмативните мерки кои ги направивме претходната година, резултира со 15 компании кои инвестирале во истражување и развој и кои ги поддржуваме со 1,9 милиони евра.

За споредба, минатата година со оваа мерка беа поддржани 10 компании со инвестиции од 850 илјади евра. Ова значи раст од 118% на поддршката за истражување и развој.

Почитувани граѓани,

Изминатите пет години, покажавме како се води грижа за стопанството, како се води грижа за компаниите. Не трошевме големи средства за непродуктивни трошоци и road show-a, наместо тоа, се фокусиравме на тоа како да ги стимулираме компаниите да се прошируваат и да се надоградуваат.

Покрај Законот за финансиска поддршка на инвестиции, компаниите добиваат и државна помош преку Законот за контрола на државна помош. Дел од овие склучени договори со 16 компании се водат во ДТИРЗ, односно тоа се компании кои реализираат инвестициски проекти во ТИР-зони, а дел од овие договори со 7 компании кои работат и инвестираат надвор од ТИР- зони се водат и следат од мојот Кабинет.
Оваа година според Законот за контрола на државна помош, за реализирани инвестиции од над 93 милиони евра, на овие компании им е исплатена државна помош од 22 милиони евра. Од овие 22 милиони евра, 17,6 милиони евра е државна помош исплатена од страна на ДТИРЗ, додека 4,4 милиони евра се исплатени од мојот Кабинет.

Од вкупно исплатена државна помош на компаниите лоцирани во ТИРЗ, 32% од државната помош се однесува на даночни и царински ослободувања.

Односно, за оваа година, вкупна државна финансиска поддршка по Законот за финансиска поддршка на инвестиции и Законот за контрола на државна помош, се исплатени 44,9 милиони евра милиони евра.

Ги избришавме разликите помеѓу домашни и странски компании, денес сите компании кои работат во нашата земја се наши, домашни компании, со исти услови и можности да добијат поддршка од државата. За добивање на државна помош повеќе не се преговара во „четири очи“, туку целиот процес е отворен и транспарентен и сите однапред знаат каков вид на поддршка може да очекуваат кога ќе реализираат инвестиција. Ова креира предвидливост и стабилност за водење бизнис во нашата земја.

Со цел зголемување на транспарентноста минатата година започнавме и со креирање на првиот Дигитален AI Асистент за државна помош. Еве можам денеска да ви откријам, овој прв дигитален асистент од државна институција, ќе се вика Ада, инспирација од Ада Ловлејс која се смета за првата програмерка и истиот ќе биде промовиран на почетокот на следната година. Овој асистент кој ќе се базира на вештачка интелигенција, ќе ги прави достапни сите информации, повици, процедури за добивање на државна помош, но во следна фаза и ќе комуницира дел од грижата за корисници за оние кои веќе ја добиваат.

Од јануари започнавме и со воспоставување на Менаџмент информациски систем за државна помош кој што ќе ја подобри ефективноста и ефикасноста на процесот на доделување на државна помош, за да сме сигурни дека секој денар на граѓаните е правилно вложен. Менаџмент информацискиот системот за државна помош ќе опфати дигитализација на бизнис процеси на 11 институции кои го користат механизмот на државна помош.

Во насока на поддршка, раст и развој, веќе почнавме да работиме на мерки за Ре- фокус на инвестициите во креирање на силни вредносни ланци на компаниите во нашата земја но и поврзување со целиот регион. Ова е нашата конкурентна предност, која мораме да ја искористиме за да излеземе посилни и постабилни во пост КОВИД периодот.

Со креирање на овие стимулирачки и афирмативни мерки ќе се поттикне економскиот развој преку зацврстување и синергија на вредносниот ланец за да го искористиме и капитализираме целосниот потенцијал кој ни се отвора преку Near shoring-от или приближување на ланците за снабдување поблиску до големите, прво европски, а и светски компании.

Сето ова ќе го направиме заедно, преку партнерски однос, како што тоа и досега го правевме. Во претходната година и половина мојот Кабинет и целиот мој тим беше отворен и достапен за отворен дијалог и поддршка, тоа така ќе продолжи и во иднина.

Почитувани,

Во име на мојот тим и од мое лично име, Во новата 2023 година ви посакувам здравје и да ги зајакнуваме вредностите и да работиме за реализација на нашите планови.

Спонзорирано: