30. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Пендаровски ја врачи Големата годишна награда за најуспешно архитектонско дело во 2022 година

Претседателот Стево Пендаровски вчеравечер ја врачи Големата годишна награда за архитектура за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2022 година на Марија Димитриевска и Елена Пазарџиевска, авторките на проектот Вила за современо домување, викенд населба на велешко езеро Младост. Големата годишна награда се доделува во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, а претседателот Пендаровски е покровител на традиционалната манифестација.

Во своето обраќање, претседателот Пендаровски истакна дека оваа манифестација дава извонредна можност да се фрли поглед врз актуелните случувања во македонската архитектура која ги одразува општествените, економските, технолошките и естетските тенденции на национално и меѓународно ниво.

Тој рече дека градителството во транзицијата кај нас е обременето од трката за брза заработка и посочи на дилемата со која се соочува секој архитект, како да се задоволи барањето на инвеститорите, а да не се згази врз сопствениот творечки талент и да се гради по мерка на човекот и неговите потреби.

Претседателот ги истакна новите генерации македонски архитекти, за кои рече дека се достојни наследници на нашата позната традиционална архитектура, која сведочи за нашето постоење, нашата култура, етика и хуманизам.

„Посакувам и понатаму да опстојувате на своите убедувања и естетика не правејќи компромис и не компромитирајќи се без разлика на околностите и карактерот на времето во кои живееме. Впрочем, вие сте дел од интелектуалното и критичко јадро во општеството и таа своја улога не смеете да ја загубите или релативизирате“, порача претседателот Пендаровски.