8.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+БИЗНИС

(ВИДЕО) Тутунопроизводителите од Студеничани задоволни од проценката: Ова не било никогаш, ако е вака и следната година, ќе садиме повеќе тутун

Откупот на тутун од реколтата 2022 година е при крај. Во откупниот пункт во скопско Студеничани тутунопроизводителите се задоволни од просечната откупна цена која годинава изнесува 285,9 денари. Исто така, како што велат, задоволни се и од висината на родот и од проценката – годинава поголемиот дел од тутунот се откупува во прва класа.

„Произведов осум тона тутун годинава. Во споредба со другите години, оваа година е добра, не е лош откупот, на почеток малку беше послабо, а потоа го проценуваа како прва класа и тука е ќарот на земјоделците“, рече за Агротим тутунопроизводител.

Мислењето на производителите на тутун е единствено – дека ваква година досега немало. Причините според нив се во намалената количина оваа година, но велат дека ако продолжи вака да се плаќа тутунот, следната година ќе насадат поголеми површини со тутун. Исто така реагираат и на поскапените репроматеријали, особено ѓубривото и нафтата.

„Оваа година сме задоволни со тутунот, со проценката сме задоволни. Значи, ова не било никогаш. Младите не сакаат многу да го работат тутунот поради проценките од претходните години. И оваа година мислевме дека ќе биде така, ама се оправија работите. Другата година, ако е вака, ќе садиме повеќе тутун.“, изјави за Агротим задоволен производител на тутун.

Досега, најголемиот дел од откупениот тутун, се проценува во прва класа.

„Најголем дел од откупот е завршен и се очекува да биде готов до крајот на годината. Најголемиот дел од откупениот тутун, односно околу 14.000 тони се прва класа. За прва класа на тутун, државата има подготвено 80 денари субвенција по килограм. Задоволството на тутунарите е очигледно, никогаш ваква цена на тутунот не е постигната досега“, изјави министерот Николовски.

За потсетување, цените за откуп на тутунот годинава изнесуваат 300 денари за килограм тутун од прва класа, 240 за килограм од втора и 180 за килограм тутун од трета класа. Дополнително државата ќе им исплати и субвенции од 80 денари за килограм тутун од прва класа, 70 денари за втора и 60 денари за килограм продаден тутун од трета класа.

извор: Agrotim.mk