25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАКУЛТУРА

Костадиновска Стојчевска: Да се реши Универзална сала, важно е поради номинацијата на Скопје за Европска престолнина на културата

Министерството за култура и Министерството за локална самоуправа постапиле по заложбите на Владата во однос на прашањето за надлежноста на Универзалната сала. Министерката Бисера Костадиновска Стојчевска денеска кажа дека е испратена информација до градоначалничката Данела Арсовска за тоа до каде е состојбата со Универзалната сала и дали воопшто има некакви активности.

-До ден денеска немаме добиено никаква повратна информација. Морам да апелирам и да напоменам дека Град Скопје е влезен во најтесниот круг за добитник за наградата „Европска престолнина на културата“ за 2028 година и апелирам овој проблем со Универзална сала, бидејќи токму Универзална сала се јавува како апликант на тој конкурс, да се реши и ќе иницирам нов состанок со градоначалничката Арсовска и заедно и Град Скопје и Министерство за култура и Владата да работиме на таа апликација и програма, зашто ни е од национален интерес, рече Костадиновска Стојчевска.

Таа истакна дека постои подготвеност со сите ресурси да се започне структурирањето на програмата за „Европска престолнина на културата“ за што се издвоени средства од буџетот и на владино ниво.

-Ова е навистина значаен национален проект за нас како држава и затоа апелирам да се реши статусот на Универзална сала. Ние истапивме, понудивме помош и сега на ред е Град Скопје, а како второ, во најкус можен рок после празниците ќе имаме состанок повторно со градоначалничката Данела Арсовска токму за ова прашање. Мораме заедно да ја работиме културната програма за оваа значајна номинација, изјави министерката.