„Наместо да лелекаме над судбината, сами да ја креираме. Заедно, со кренати глави, горди, достоинствени и обединети да го креираме современиот наратив на новата европска Република. Ние го одбравме патот на просперитетот, на иднината, на Европска Македонија во европското семејство. Рамноправна, достоинствена, силна, рамо до рамо со сите национални обележја за коишто мечтаеле генерации и генерации Македонци“ рече генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ на трибината „Силно и одлучно кон иднината“ во Скопје.
Тој додаде дека компромис за иднината нема да има и дека како булдожер ќе биде прегазен секој што ќе се попречи на тој пат.
„Големината на СДСМ лежи во народот, во луѓето и во нашите вредности. Наша задача, на сите нас е да бидеме поинакви, да бидеме вистински лидери, секој во својата средина и место, за на дело да покажеме дека Македонија има шанса. Тоа сме ние, македонските социјалдемократи и тоа е СДСМ – секогаш на вистинската страна на државата“ рече Зечевиќ.
Генералниот секретар на СДСМ додаде дека дојде време современиот македонски патриотизам да се крене на следното ниво и полноправната европска асоцијација да биде новиот камен-темелник во македонската историја.
„Современиот патриотизам се вредностите на македонската европеизација. Македонската граѓанска свест е европска. Ние физички и ментално припаѓаме кон неа. Затоа и нашето место е во Европа. Ве повикувам сите заедно да застанеме на браникот на современиот патриотизам, на браникот на горда и достоинствена европска Македонија“ рече Зечевиќ.