28. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Зечевиќ: Без мудроста на Киро Глигоров и СДСМ немаше да биде возможно да се избориме за независна држава

„Во светот живеат околу 650 етнички групи, народи, нации. А, постојат само 193 држави. Само една третина од овие народи направиле сопствена и самостојна држава. Ние се вбројуваме во тие државотворни народи на светската мапа што успеале. Сме се избориле за сопствена држава, иако, многу пати во историјата геополитичките односи не ни биле наклонети“ изјави генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ на граѓанската трибина на СДСМ во Скопје.

Тој додаде дека тоа немаше да биде возможно без мудроста на Киро Глигоров и без СДСМ и државничкиот одлуки на оваа партија од независноста па се до денес.

„Ние, македонските социјалдемократи секогаш сме ги носеле тешките одлуки во тешките времиња за Македонија. Од мирното осамостојување на државата, меѓународното признавање и етаблирање, интеграцијата во глобалните сојузи, па се до почеток на преговорите со ЕУ. После 17 години, токму оваа година направивме нов исчекор на европскиот пат. Повторно благодарение на храбрите и државнички одлуки на СДСМ. Започнавме преговори со ЕУ, со заштитен македонски јазик, идентитет, култура и посебност“ рече Зечевиќ.

Тој додаде дека ако некој се сомнева дека цената на успехот е висока, нека се запраша колкава е цената на неуспехот, разочарувањето и од тоа колку може да зажалиме доколку ги разочараме идните генерации.

„Не смееме да си го дозволиме луксузот и да ја пропуштиме шансата што ја имаме како нација во овој нов историски моментум. Ова е времето кога ја зокружуваме државноста со нејзино издигнување на повисоко ниво, целосно етаблирана на светската мапа на суверени држави, рамноправна како нераскинлив дел од европското семејство“ рече Зечевиќ.