Скопје, 14.11.2022 – ОКТА АД – Скопје донираше 6.000 литри екстра лесно масло за греење за една од куќите на СОС Детско село во која живеат млади лица без родителска грижа. Донираната количина на гориво ќе биде доволна целосно да ги покрие потребите за тековната грејна сезона.
„Во услови на изразена енергетска криза, која започна да има влијание на сите во општеството, ние решивме да ја дадеме нашата поддршка за младите лица згрижени во една од младинските куќи на СОС Детско село. Со оваа донација веруваме дека ќе помогнеме безгрижно да ја поминат оваа зима, и со тоа целосно да се насочат кон своите училишни, односно младински активности. Во оваа прилика, како компанија сакаме да изразиме особена благодарност кон мисијата и континуираната работа на тимот на СОС Детско село, посветена на децата и младите без родителска грижа, да им обезбеди топол дом и правилен развој во здрави индивидуи“ – изјави Марија Ставрева, менаџер за корпоративна општествена одговорност и комуникации во ОКТА АД – Скопје.
Во младинските куќи на СОС Детско село се обезбедува 24-часовна грижа, помош и поддршка за 28 деца и млади над 14-годишна возраст, сѐ до полнолетство, а најдоцна до завршување на средното образование, со цел нивно оспособување за самостоен живот и интеграција во општеството.
„Обезбедувањето масло за греење за целата грејна сезона претставува драгоцена поддршка во реалното функционирање на домот на младинците во претстојната зима која е полна со предизвици, а нам ни овозможува да се посветиме на нашата главна мисија – поддршка во нивното образование и созревање во самостојни личности, целосно подготвени да ја преземат одговорноста за сопствениот животен развој. Донацијата на ОКТА е пример за општествена одговорност на една компанија и ја потврдува нивната посветеност и стратегија за помош и поддршка онаму каде што навистина е потребно“, изјави Јулијана Накова Гапо Национален директор од СОС Детско село.
Како дел од корпоративната стратегија за општествена одговорност, ОКТА секогаш е подготвена да возврати и на значаен начин да придонесе за заедницата во која работи. Ранливите категории на граѓани се само еден од аспектите во кои компанијата континуирано ја дава својата поддршка.