17.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

МОН: Изготвени нови закони за средно и стручно образование и обука, граѓаните ќе можат да дадат свој придонес

Предлог Законот за средно стручно образование е изготвен од страна на работна група и истиот следната недела ќе биде достапен на владиниот ЕНЕР систем, со цел сите заинтересирани чинители да дадат свој придонес кон креирање на најдоброто законско решение, согласно определбата на МОН за транспарентно и отчетно работење, а истовремено за изготвување на модерна и европска легислатива за дефинирање на стручното образование и обука во земјава, информираат од МОН.

За да се овозможи стручно образование кое ќе соодејствува на пазарот на трудот, со предложениот Закон, како што појаснуваат, се уредува концептот на дуално образование, а се прецизираат и одредбите кои се однесуваат на практичното образование, особено стекнато кај познат работодавач, сé со цел да се зголеми неговиот обем и квалитет.

„Преку решенијата предвидени во законот се врши рационализација на ресурсите на системот на стручно образование, а со цел надминување на проблемите кои произлегуваат од фрагментацијата и дезинтеграцијата на установите за стручно образование и обука, кои досега ги земаа во предвид тесно локалните потреби, а не регионалните. Земајќи ја во предвид централната координативна улога која ја има Центарот за стручно образование и обука, кој се трансформира во Центар за развој на стручно образование, соодветно се интервенира и во неговите надлежности, за да може најдобро да одговори на новите задачи кои му се доверуваат“, се истакнува во соопштението.

Покрај Предлог-законот за средно стручно образование и обука, МОН преку посебна работна група изготви и нов Закон за средно образование. Покрај бројните нови права и можности за учесниците во воспитно – образовниот процес во средните училишта, централно место во процесот на креирање на истиот е ангажирањето на образовните асистенти, по истиот принцип како и кај основните, односно тие да бидат вклучени во наставниот процес како лица вработени во училиштата/ресурсните центри, а не како што досега беше пракса, истите да бидат ангажирани преку проекти или на товар на родителите на учениците со атипичен развој.

Предлог – законот за средно образование наскоро ќе биде објавен на ЕНЕР системот и достапен за дополнителни сугестии од страна на заинтересираните граѓани, институции, граѓански организации и здруженија.

Спонзорирано: