26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Северна Македонија го презема претседавањето со А5 во 2023 г.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваше на Министерскиот состанок на САД – Јадранската Повелба, што се одржа во Подгорица, Црна Гора. Во рамки на состанокот, Северна Македонија го презема претседавањето со Повелбата за 2023 година, кога се одбележува и 20 годишнината од нејзиното формирање.

Во фокусот на разговорите беше стабилноста на Западен Балкан во контекст на актуелната безбедносна состојба, предизвиците со кои се соочува регионот и начините на зајакнување на отпорноста на нашите општества, со цел поуспешно справување со овие кризи.

Османи во своето излагање го истакна значењето на унапредување на регионалната соработка и потребата за засилување на заедничкиот, регионален придонес за зачувување на безбедноста и стабилноста на Регионот, воедно нагласувајќи ја силната поддршка од САД во таа насока.

“Северна Македонија, како земја членка на НАТО ќе продолжи со својот активен придонес за зачувување на стабилноста на Западен Балкан, кој што е и наш врвен надворешно – политички приоритет. Нашата земја е силно посветена кон промовирање на евроатлантските вредности, како и поддршка на другите членки на Повелбата во остварување на нивните евроатлантски аспирации. “ – подвлече Османи

Пред почетокот на Министерскиот состанок на А5, министерот Османи имаше заедничка прес конференција со премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, на која ги претстави целите на претседавањето на Северна Македонија со Повелбата.

“Како иден претседавач со А5 ние веќе преземаме иницијатива за натамошна ревитализација на Повелбата. Целта е не само да ја зајакнеме, туку и да ѝ дадеме соодветна улогата на А5 во нашиот регион. На некој начин, преку еден нов концепт, или нов наратив, да направиме адаптација на целите и мисијата на Повелбата, соодветни на новите геополитички предизвици и новите околности во кои се наоѓа регионот” истакна Османи.

Воедно, Османи нагласи дека за ревитализацијата на А5, што е во функција на поефикасно справување на земјите од регионот со денешните предизвици, Северна Македонија има јасна американска поддршка, што беше тема на дискусија и за време на одржаниот стратешки дијалог со САД, во јуни, во Вашингтон.

Дополнително, министерот Османи нагласи дека нашето претседавање со А5 се совпаѓа и со претседателството со ОБСЕ во 2023 година, со што земјава презема значајна и одговорна улога на регионален и мултилатерален план. “Руската воена агресија врз Украина создаде сложени геополитички околности и нарушена безбедносна архитектура, па оттука претседавањето со безбедносните организации претставува посебен предизвик за нас” – нагласи Османи.