Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски истакна дека водел грижа во оваа тешка криза никој да не биде изоставен или пак заборавен. За време на трибината „Силно и одлучно кон иднината“ од Куманово, тој рече дека за него било најважно да бидат заштитени финансиски најзагрозените граѓани, пензионерите со мали пензии, самохраните родители, социјалните случаи, другите ранливи категории граѓани, а од друга страна да се заштити и достоинството на работниците.
-Тоа е основата на социјалдемократијата која Куманово многу добро ја познава. Затоа пред да се донесат антикризните мерки, со мојот тим деноноќно имав консултации во кои беа вклучени експерти, работодавачи, здруженија, преставници на Стопанските комори во земјата. Ја спасивме македонската економија со мерките кои ги донесовме во текот на 2022 година, а вкупниот пакет на антикризни мерки изнесува досега 760 милиони евра. Најголем пакет во целиот регион. Пари од граѓаните за граѓаните, рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ нагласи дека е обезбедена доволно храна, струја, нафта, греење и никој не е оставен сам.
-Ја субвенционираме струјата за сите 600.000 домаќинства со дури 80% од реалната цена, со што граѓаните добиваат пет пати пониски сметки секој месец. Истото важи и за 72.000 компании. Им помогнавме и на компаниите кои произведуваат прехранбени производи со последните антикризни мерки, да користат поевтина струја. Цената на лебот веќе се намали, цените на маслото за јадење на некои производители исто така се намалија како резултат на оие мерки. Во наредиот период очекувам стабилизирање и намалување на цените на основните прехранбени производи до 10%. Антикризните мерки даваат резултат, но имаме уште работа, заклучи Ковачевски.