23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Државна вечера во чест на претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер

По повод официјалната посета на претседателот на Сојузна Република Германија, Франк Валтер Штајнмајер, беше приредена државна вечера, на која беа поканети претставници од државниот врв, пратеници, претставници од политичките партии, како и стопанственици од бизнис секторот коишто остваруваат економска соработка со германската држава. Воедно, на вечерата присуствуваа и претставници од граѓанското општество и поединци коишто имаат придонес во градење на македонско-германските образовни и културни врски во изминативе години.

Во рамки на свечената вечера, двајцата претседатели имаа протоколарни обраќања во чест на македонско-германското пријателство, соработката и заедничката европска иднина.

Во продолжение е обраќањето на претседателот Пендаровски:

Ваша Екселенцијо,

Драг пријателе,

Ми претставува особено задоволство бидејќи сум домаќин на Вашата прва официјална посета како претседател на Сојузна Република Германија на мојата држава, Република Северна Македонија.

Како претседател, мојата прва билатерална посета по стапувањето на должноста во 2019 година, беше токму на Сојузна Република Германија, а од тогашната прва средба со Вас во Берлин во изминативе три и пол години во континуитет остваруваме интензивна комуникација која прерасна и во лично пријателство, што е од особена важност за мојата држава и за мене лично.

Сојузна Република Германија е еден од најважните партнери на Република Северна Македонија, а нашата интензивна соработка во многу области во изминатите децении е најдобар доказ за цврстите односи и пријателството меѓу нашите две држави. Идната година ќе одбележиме триесет години од воспоставувањето на дипломатските односи што е значаен јубилеј за мојата држава и основа за понатамошен развој на нашите односи.

Драг пријателе,

Живееме во турбулентно време во Европа и во светот. За жал, кога мислевме дека агресивната војна во Европа е дел од минатото оваа година се соочивме со брутална агресија врз една суверена држава во Европа од нејзиниот сосед. Нападот на Украина од страна на Руската Федерација не само што е флагрантно прекршување на меѓународното право, туку е и напад врз основните вредности на Европа што ги воспоставивме по завршувањето на Втората Светска Војна. Таквата политика нема никакво оправдување, а агресијата не смее да се релативизира ниту да се наоѓаат изговори за неа.

Овие случувања се најдобра потврда и значаен потсетник за важноста на европското единство и соработка во лицето на Европската Унија како уникатен мировен проект во новата светска историја. Исто така, тие се предупредување дека процесот на европската интеграција ќе биде комплетиран единствено кога сите демократски нации во Европа ќе бидат интегрирани во Европската Унија како најдобра гаранција дека мирот, демократијата, заштитата на човековите права и слободи, правната држава, економскиот просперитет и солидарноста ќе бидат основата врз која почива нашиот континент.

Оваа година мојата држава започна едно ново поглавје на патот на нашата интеграција во Европската Унија. Во тој контекст, Ви благодарам за силната и конзистентна поддршка од Вас лично и од СР Германија. Вие и германската држава сте едни од најсилните промотори и застапници за европската интеграција на Северна Македонија и на нашиот регион. Од суштинско значење за нас во овој сензитивен период е успешно завршување на првата скрининг фаза од процесот на преговори за да почнеме со следната фаза на конкретни преговори во рамките на кластерите и поглавјата. На тој пат, како и досега, ја очекуваме Вашата поддршка и поддршката на Германија во различните области од реформите што следат. Сакам да Ве уверам дека од наша страна посветено ќе ги исполнуваме преземените обврски и ќе бидеме доверлив партнер во овој процес.

Господине Претседателе, почитувани гости,

Денеска разговараме за прашања кои се од заеднички, но и од регионален и европски интерес. Во разговорите ја потврдивме посветеноста кон развојот на нашите севкупни односи како на политички план, така и во економската размена и инвестициите на кои сум особено горд. Германија е нашиот најголем економски партнер и еден од најзначајните инвеститори во нашата држава. Нашата економска соработка не се состои само во трговска размена туку и во пренесување на германската технологија и знаење што е од непроценлива важност за социоекономскиот развој на Северна Македонија.

Нашите две држави остваруваат и интензивна соработка во сферите на образованието, науката и културата. Ние го користиме германскиот модел на дуално образование во реформата на нашето средно стручно образование, а голем број на студенти и наставен кадар од нашите универзитети учествуваат во програмите за академска размена меѓу нашите држави. Изучувањето на германскиот јазик е се попопуларно во нашата држава, а наш стратешки приоритет е промоцијата на македонскиот јазик на катедрите за славистика на германските универзитети. Конечно, нашите уметници и културни работници активно учествуваат во германските проекти за поддршка на културната соработка и размена.

Германија и Северна Македонија постигнаа многу во развојот на билатералните односи во изминатите три децении. Денеска нашите две држави се партнери во НАТО, а се надевам дека во догледна иднина ќе бидеме и партнери во Европската Унија. Постигнатите резултати треба да ги негуваме, но и да имаме амбиции за уште поголема соработка во сите сфери од заемен интерес.

Господине Претседателе, почитувани гости,

Дозволете ми со оваа крената чаша да ве повикам да наздравиме во чест на македонско германското пријателство, соработката и заедничката европска иднина!