15.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: Им даваме силна поддршка на жените за нивна поголема интеграција на пазарот на трудот

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска присуствуваше на тркалезната маса организирана од страна на Управата за јавни приходи, по повод Денот на даночните работници. На тркалезната маса присуствуваа и сопругата на претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Георгиевска, амбасадорот на Република Словенија, Милан Предан, директорката на Управа за јавни приходи, Сања Лукаревска, претставници од другите релевантни институции, како и претставници од приватниот сектор.

„Се гордеам што се зголемува бројот на успешни жени што се вклучени во раководењето со компании во реалниот сектор и тоа голем дел од нив на големи успешни компании, кои со својот пример поставуваат нови правила на игра и ги мотивираат и другите жени на борба на истрајност и на одлучност во приватниот сектор“, рече Тренчевска на почетокот од своето обраќање.

Таа посочи дека видливи се промените што доаѓаат, подобрената позиција на жените и рамноправноста во сите сфери на живеењето. Исто така, министерката додаде дека од особена важност и за Владата на Република Северна Македонија и за Министерството за труд и социјална политика е економското зајакнување на секоја жената.

„За речиси 2 години, токму преку мерките од оперативниот план се вработиле 3.370 жени, а со вештини и квалификации барани на пазарот на трудот се стекнале 6.035 жени, односно речиси 10.000 жени се вработени или работно оспособени. Грантовите за самовработување се едни од најатрактивните мерки што од година на година сè повеќе ги користат жените“, истакна Тренчевска.

Министерката се осврна и на новиот предлог-закон за работни односи, кој е насочен кон подобрување на правата и состојбата на работниците. Таа посочи дека со законот е предвидено воведување татковство, што претставува нова форма на отсуство, која ќе овозможува можност за отсуство и на таткото со цел да се грижи за детето.

На крајот од своето обраќање, Тренчевска посочи дека како и досега Владата ќе продолжи со заложбите за овозможување поволна бизнис-клима, особено со акцент на жените.

Спонзорирано: