Штип и македонскиот исток многу добро знаат колку е значајно инвестирањето во патната инфраструктура, речиси и да нема патна врска која не е обновена во источниот регион благодарение на развојните политики на СДСМ, изјави претседателот Ковачевски вечерва на трибината „Силно и одлучно кон иднината“ во Штип.
-Автопатот Штип-Скопје го довршивме, го направивме експресниот пат Штип-Радовиш вреден 64 милиони евра, патот од Три круши до Штип, клучката на влезот од градот, транзитниот правец, експресниот пат Штип – Крупиште вреден 20 милиони евра и многу други проекти кои се направени и завршени од СДСМ. Денеска бев на увид на експресниот пат од Крупиште до Кочани којшто е во завршна фаза. Вредноста на овој проект е 18 милиони евра и е многу значен за целиот овој регион, за истокот, рече Ковачевски.
СДСМ, додаде Ковачевски, изгради патишта во должина од околу 1.300 км, додека во време на владеењето на ВМРО ДПМНЕ, во 10 години, изградени се само околу 650 км патишта низ земјата. Огромна е разликата. Европска Македонија се гради и се поврзува. Модерната патна инфраструктура е важна и за граѓаните и за компаниите но и за новите инвеститори. Новите инвестиции значат и нови, подобро платени работни места, а за тоа да се случи, инвестициите во инфраструктуарата, квалитетните патишта се еден од предусловите, изричито додаде претседателот Димитар Ковачевски.