Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МакедонијаТОП ВЕСТИ

Ковачевски: Имам одржлив економски план, 2023 е година на економски пресврт

Имам план за иднината, за нова економска пресвртница, со сето мое менаџерско и економско искуство, градено 22 години во приватниот сектор, подготвен сум да одговорам на сите предизвици пред мојата земја, за да обезбедам сигурна иднина, да живееме подобро, да бидеме побогати, понапредни и да им оставиме на следните генерации средена, европска држава, рече претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски вечерва во преполната сала во Штип на трибината под мотото „Силно и одлучно кон иднината“.

-По само 10 месеци можеме да кажеме дека ја спасивме македонската економија со антикризни мерки вредни 760 милиони евра и економски политики. Го поддржавме стандардот на граѓаните, компаниите, ранливите граѓани кога беше најпотребно. Цврсто ја држевме линијата против глобалната криза. Сите го паметиме тоа тешко време кога светот влезе во глобална економска и енергетска криза, потенцираше Ковачевски.

Ковачевски истакна дека поддршката за граѓаните и компаниите ќе продолжи и во иднина.

-Го поддржавме стандардот на граѓаните и ги помогнавме компаниите. Цената на струјата ја субвенционираме за 600.000 домаќинства и за 72.000 компании. Да не е таа субвенција сите ние ќе плаќавме и до пет пати повеќе за електрична енергија. Никој нема да биде оставен сам. Двојно поевтина цена на струјата обезбедивме за 233 основи и средни училишта, 50 јавни претпријатија, 235 домашни компании кои произведуваат основни прехранбени продукти, вкупно за 518 субјекти, рече претседателот Ковачевски вечерва во Штип.