25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски од Штип: По 10 месеци ја спасивме економијата и ги поддржавме граѓаните и компаниите

„Резултатот од изминатите 10 месеци ми дава полно право да ви кажам дека следната година ќе биде подобро. По само 10 месеци можеме да кажеме дека ја спасивме македонската економија со антикризни мерки вредни 760 милиони евра и економски политики. Го поддржавме стандардот на граѓаните, компаниите, ранливите граѓани кога беше најпотребно“ изјави премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски на граѓанската трибина во Штип.

Тој додаде дека цврсто ја државме линијата против глобалната криза и сите се сеќаваат на неизвесноста дали ќе има храна, леб, брашно, масло, греење, струја, нафта итн. Сепак, како што кажа Ковачевски, во крајно тешки околности Владата успеа да го одржи стабилен и да не крахира буџетот, да го одржи енергетскиот систем и да обезбеди храна, енергенси, греење и струја.

„Го поддржавме стандардот на граѓаните и ги помогнавме компаниите. Цената на струјата ја субвенционираме за 600.000 домаќинства и за 72.000 компании. Да не е таа субвенција сите ние ќе плаќавме и до пет пати повеќе за електрична енергија. Ме праша и вашиот сограѓанин за субвенционирањето на струјата и еве прилика да одговорам, да, имаме пари обезбедено и продолжува субвенционирање на сметките за струја. Никој нема да биде оставен сам“ рече Ковачевски одговарајќи на прашање од граѓанин на трибината.

Премиерот додаде дека Владата обезбеди и двојно поевтина цена на струјата за 233 основи и средни училишта, 50 јавни претпријатија, 235 домашни компании кои произведуваат основни прехранбени продукти, вкупно за 518 субјекти.

„ Со последната антикризна мерка некои видови на леб и млечни продукти се веќе со намалени цени, а тоа намалување на цените на основните производи ќе продолжи и понатаму. Очекувам да се намалат и цените на брашното, млекото, месото, маслото за јадење за околу 10 отсто“ рече Ковачевски.