12.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Германија повторно ни подава рака – претседателот Штајнмаер идната недела во Скопје

Претседателот на Сојузна Република Германија Франк-Валтер Штајнмаер од 29 ноември до 1 декември ќе престојува во официјална посета на нашата земја.

Посетата на Штајнмаер, како што се наведува на официјалната претседателска веб страница, е во функција на разгледување на ситуацијата во регионот, влијанието на руската агресивна војна во Украина и тековната поддршка на Германија за перспективите на земјата за пристапување во ЕУ.

Ова е прва посета на федералниот претседател Штајнмаер на Република Северна Македонија. Официјален домаќин на посетата е претседателот Стево Пендаровски но во рамките на опсежните политички разговори на 29 и 30 ноември освен со Пендаровски, високиот гостин ќе се сретне и со Ковачевски, а ќе има и говор во Парламентот.

Очекувањата се дека Штајнмаер, како и претходно претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, ќе испрати порака до Скопје за важноста на продолжувањето на преговарачкиот процес со ЕУ кој зависи од тоа дали во Собранието ќе бидат изгласани уставните измени со кои се предвидува бугарското малцинство да стане дел од конститутивниот акт на Македонија. Втората важна порака што ќе ја испрати е регионот да ја зголеми отпорноста на руско влијание, и да ја афирмира силната осуда на руската воена агресија над Украина.

Штајнмаер според агендата на посетата ќе се сретне и со млади луѓе во Претседателскиот центар за политичко образование, ќе разговара со филмската екипа на филмот „Медена земја“ и ќе го посети првиот ветерен парк во земјата во Богданци.

67-годишниот германски претседател се смета за политички тешкаш, прагматичен во коалициско кохабитирање – искуство што го стекна како шеф на дипломатијата на канцеларката Ангела Меркел, во два наврати од 2005-2009 и од 2013-2017. Иако припаѓаа на две спротивставени политички опции, Штајнмаер од социјал-демократите а Меркел од демохристијаните, тие успешно соработуваа заеднички примајќи ги ударите од Брегзит и руското анектирање на Крим во време кога Германија работеше напорно да го издигне својот профил на европската и светската сцена.

Штајнмаер го „печеше“ политичкиот занает кај Герхард Шредер со кого се блиски соработници и сојузници уште од младоста. Му беше шеф на кабинет кога беше премиер на Долна Саксонија, а подоцна кога стана канцелар Шредер му ја довери на својот пријател Франк најчувствителната работа – безбедноста и разузнавањето. Политичката големина на Штајнмаер потекнува и од изборот за претседател кога двапати ја доби највисоката федерална функција – како заеднички кандидат на двете спротивставени партии – социјалдемократите и демохристијаните. Тоа доволно говори за неговиот капацитет да премостува политички разлики и да кохабитира – способност која не постои кај нашите домашни политичари.

Штајнмаер има и хумана страна со која засекогаш ги освои срцата на Германците донирајќи и бубрег на својата болна сопруга.

Германскиот претседател Штајнмајер доаѓа во регионот во услови на нова неизвесност во односите Косово-Србија, и растечки тензии кои може да го нарушат со години градениот мир. По разговорите во Скопје тој ќе замине во Тирана во претседателска посета – прва по безмалку три децении.

Германија е долгогодишен сојузник и поддржувач на нашата земја и не е првпат да испраќа високи претставници во пресрет на важни политички процеси. Пред одржувањето на референдумот за Преспанскиот договор во 2018 Берлин ја испрати во убедувачка мисија тогашната министерка за одбрана Урсула Фон дер Лајен.

„Северна Македонија треба да го искористи вниманието од европските лидери и од европските институции, но и од државите членки, затоа што тој фокус треба да го искористиме во наша полза, за да ги отстраниме сите пречки, вклучувајки ги и уставните измени и да продолжиме со преговорите и по ноември 2023 година“, изјави вицепремиерот Бојан Маричиќ по веста за доаѓањето на Штајнмаер во Македонија.

Соња Крамарска

извор: ТВНова

Спонзорирано: