Денеска, директорот Стојанче Ангелов во ЦУК одржа координативен состанок со надлежни институции за превентивна подготвеност на терен во зимскиот постуден период, нагласувајќи дека снегот нема да не изненади.
На координативниот состанок во Центарот за управување со кризи присуствуваа 11 институции од Системот за управување со кризи заради зголемување и подобрување на меѓусебната комуникација, координација и соработка во претстојниот период каде се можни појави и ризици настанати од снежни врнежи и снежни наноси, лавини, појава на свлечиште и одрони, поплави и излевање на реки и други ризици и опасности што можат да предизвикаат проблеми во тековното живеење на населението и загрозување на материјалните добра.
Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта (Македонија пат) презема обврска на критичните места во државата на терен, да ги распореди техничките и кадровските капацитети со коишто располага, за се оствари подготвеност за дејствување на патиштата при снежни врнежи, со потсетување и апел за граѓаните дека снегот со механизацијата не се чисти додека паѓа, туку дека се чисти откако ќе престане со ресурсите со коишто се располага. Беше нагласено од јавното претпријатие дека на 38 пункта во државата располагаат со свои возила оспособени за работа и дејствување согласно Оперативниот план за зимско одржување на патиштата 2022-2023. Секојдневно возилата се доопремувале за да дејствуваат на критичните места, биле набавени доволни количини сол и „дризла“, како и на други ресурси за непречено дејствување со возилата во зимски услови.
Претставникот на Црвениот крст посочи дека стоковите резерви ќе бидат ставени на располагање, а домовите за бездомници се отворени, за сега со одредено работно време, а при екстремни зимски услови со ниски температури, тогаш тие пунктови ќе бидат отворени 24 часа, како и лекарска посета и снабдување на жители во оддалечените планински села. Истовремено, информираа од Црвениот крст дека заедно со другите институции ќе дејствуваат и за едукација, подготвеност – подигање на јавната свест за превенција од кризни ситуации.
На состанокот се заклучи дека субјектите од Системот за управување со кризи генерално се подготвени со ресурси за претстојниот зимски период, со напомена дека секако има недостаток од персонал и ресурси.