10.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: Вложувањето во нашите најмлади е влог во нашата иднина, отворена првата детска градинка во Чучер Сандево за 110 деца

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, градоначалникот на Општина Чучер Сандево, Сашко Комненовиќ, во присуство на вработени, родители и други гости, официјално ја отворија новата детска градинка „Мило мое“, прва во Општина Чучер Сандево.

По тој повод претседателот на Владата на РСМ, Димитар Ковачевски истакна дека Владата продолжува во намерата на децата да им обезбеди најдобри услови за раст и развој, без разлика дали тие живеат во урбани или рурални средини.

„Со вложувањето во нови градинки отвораме нови работни места што значи и економски развој на општината или населеното место, создаваме услови граѓаните да гледаат можност за просперитет и за развој за себе и за своите деца, онаму каде што живеат. Не ги заборавивме воспитувачките, негувателките, техничкиот персонал, сите оние кои професионално и одговорно се грижат за децата. Како резултат на политиките на оваа Влада, вработените во градинките добија за околу 21% повисока плата, а со Колективниот договор за вработените во оваа дејност, платата на воспитувачките, негователите и стручниот кадар во градинките од септември се покачи за 15%, “ истакна Ковачевски.

Министерката Тренчевска обраќањето го започна со една стара изрека:

„Однесувајте се добро кон Земјата, не сте ја наследиле од вашите родители, туку сте ја позајмиле од вашите деца“. Всушност, ние сè позајмуваме од идните генерации. Иднината на општеството зависи од мудроста што денес ќе им ја пренесеме на нашите деца. Од тоа колку ќе вложиме денес, можеме да очекуваме колку ќе добиеме утре. Вложувањето во нашите најмлади е влог во иднината. Затоа како Влада и ресорно министерство инвестирањето во детската заштита е во фокусот на нашето работење,“ порача Тренчевска.

Во градежните активности покрај општината Чучер Сандево со 11 милиони денари, учествува и Министерството за труд и социјална политика со 8 милиони денари, додека пак за опремата министерството од Буџетот издвои 7.5 милиони денари.

Градоначалникот Комненовиќ потенцираше дека децата се највредното нешто и причина за инвестирање во општината, со цел да се обезбеди подобро место за живеење.

„Општината во изминатава година интензивно работеше на потребите на најмладите, изградивме детски игралишта и терени за спортски активности,“ рече Комненовиќ.

Тој изрази благодарност до Владата на РСМ за одлуката за субвенционирање на цената на електрична енергија односно градинките да користат енергија по цена како и домаќинствата.

Директорката на ЈОУДГ „Мило мое“, Ирена Пигулиќ, изрази големо задоволство од отворањето на првата детска градинка во Општина Чучер Сандево.

„Со пуштање во употреба на првата детска градинка во општина Чучер Сандево во чија реализација учествуваа општината и Министерство за труд и социјална политика, се реши еден долгогодишен проблем на жителите на општината, а воедно на најмладите им се обезбеди детско, топло, забавно воедно и воспитно катче,“ рече Пигулиќ.

Новата детска градинка „Мило мое“ во Општина Чучер Сандево е со површина од 960 м2 и ограден двор од 7.000м2. Располага со капацитет за згрижување на 110 деца, кои ќе бидат опфатени во пет групи на возраст до 6 години.

Спонзорирано: