Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+Македонија

АНБ суспендираше двајца вработени поради случајот „Онишченко“, истрагата продолжува и за други случаи

Агенцијата за национална безбедност (АНБ) суспендираше двајца припадници од Oдделот за стратешка соработка. Тие не ја извршиле потребната меѓународна консултација со НАТО-партнерите пред да дадат согласност дека нема безбедносен ризик за издавањето македонско државјанство на Олександр Онишченко.

Онишченко државјанството го добил откако до Владата пристигнале четири позитивни мислења за одобрување. Иако Владата има дискреционо право во одлучувањето за државјанствата, сепак досегашната пракса е да се побараат мислења од релевантните агенции и институции. Онишченко добил четири позитивни мислења – од Коњаничка федерација, Македонски олимписки комитет, Агенција за млади и спорт и Агенција за национална безбедност.

Неговото барање за државјанство било поднесено пред две години кога спортското досие му било чисто, а немало информации за други контроверзи околу него.

По откривањето на случајот, АНБ отвори внатрешна истрага за тоа како се дозволило да биде дадено позитивно мислење за лице кое е на црната листа на САД, а премиерот Димитар Ковачевски побара одговорност за направените пропусти. Според првичните информации, не било испочитувано последното ниво на безбедносна проверка пред давањето на позитивно мислење и не била направена консултација со НАТО партнерите.

Од непознати причини лицата кои требало да извршат дополнителни проверки кај националните агенции за безбедност на земјите партнери не си ја завршиле работата, односно не ги завршиле сите проверки, но издале потврдно мислење за доделување македонско државјанство на украинскиот државјанин Олександр Онишченко, кој бил ставен на црната листа на САД.

Д.Е.

извор Frontline.mk